Свет
Папата Франциско: Коронавирусот можеби е одговор на природата на климатските промени
Папата Франциско ја спореди пандемијата на коронавирусот Ковид-19 со неодамнешните пожари и поплави како еден од одговорите на природата на амбивалентноста на светот кон климатските промени, пренесува „Њујорк пост“.
„Постои израз на шпански: Бог простува секогаш, ние простуваме понекогаш, но природата не простува никогаш “, рече папата во интервју за британскиот католички неделник „Таблет“.
Папата одговараше на прашањето дали тој верува оти коронавирусот може да поттикне еколошка преобразба, идејата луѓето да водат еколошки посвесни животи преку разбирање дека природниот свет е дело божје. Тој рече дека дека светот допрва треба да реагира на неодамнешните делумни катастрофи поврзани со климата.
„Кој зборува сега за пожарите во Австралија или се сеќава дека пред 18 месеци еден брод можеше да го премине Северниот Пол бидејќи глечерите се стопија? Кој зборува сега за поплавите? Не знам дали ова е одмазда на природата, но секако се реакции на природата“ рече тој.
Папата Франциско додаде дека верува оти избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, која го разорува светот, може да поттикне промена.
„Ова е време да се направи пресуден чекор, да се премине од употреба и злоупотреба на природата кон размислување“, рече тој.
Со повеќе од 1,5 милиони случаи на коронавирус регистрирани низ целиот свет, папата рече дека вирусот фрлил силна светлина врз лицемерието.
„Оваа криза влијае врз сите нас и го става лицемерието во центарот на вниманието. Загрижен сум поради лицемерието на одредени политички личности кои зборуваат за соочување со кризата, за проблемот со гладот во светот, но кои во меѓувреме произведуваат оружје “, рече тој.
Ватикан ги затвори базиликата и плоштадот „Свети Петар“ за јавноста на почетокот од март, но посочи дека членовите на администрацијата на Ватикан сè уште работат и практикуваат социјално дистанцирање.
„Куријата се обидува да ја продолжи својата работа и да живее нормално, да се организира во смени, така што не се сите присутни во исто време. Тоа е добро осмислено. Се придржуваме кон мерките што ги наредија здравствените власти “, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.