Свет
Песков: ЕУ на секој начин ја покажува својата намера да го продолжи конфликтот во Украина

Европските земји ја покажуваат својата намера да ја поддржат Украина во нејзината желба да ја продолжат војната на секој начин, изјави денес прес-секретарот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„И Европа на секој начин ги изјавува своите намери да продолжи да ги поддржува Украина и режимот во Киев во нивната желба да ја продолжат војната. Исто така, многу е важно да се биде свесен за ова во оваа ситуација“, изјави Песков за новинарите, пренесува „РИА новости“.
Тој посочи дека сè уште нема јасни контури за договор за решавање на конфликтот во Украина, но постои политичка волја да се движиме во таа насока.
„И уште еднаш повторувам, ние многу, многу позитивно ги оценуваме конструктивните и значајни контакти што се случија“, рече Песков.
Според него, Русија и Вашингтон работат напорно поради мирот, а Европа работи напорно поради војната.
„Исто така, мора јасно да разбереме дека во овој момент се одвива интензивна работа меѓу Москва и Вашингтон. Покрај тоа, таа се одвива во име на мирот. И во овој контекст европските земји продолжуваат да работат во име на војната“, рече Песков.
Како што изјави тој, Украина секојдневно напаѓа руски енергетски инфраструктурни објекти. „Украинските вооружени сили не го почитуваат привремениот мораториум. Секојдневно гледаме напади врз објектите на енергетската инфраструктура во Руската Федерација. Важно е сите да го знаат ова“, рече Песков, пренесува „Танјуг“.
Тој додаде дека Кремљ ќе го провери датумот на истекување на привремениот мораториум за напади врз енергетските објекти во Украина во Министерството за одбрана на Русија, но, како што истакна, сè зависи од наредбата на рускиот претседател Владимир Путин. Песков истакна дека економската соработка меѓу Русија и САД може да игра стабилизирачка улога за светот.
„Контактите се одржаа зад затворени врати и не би сакале да ги објавиме предвреме. Но, фактот дека постои огромен потенцијал за заемно корисна економска соработка меѓу Русија и Соединетите Американски Држави и дека оваа економска соработка може да игра сериозна стабилизирачка улога за целиот свет е несомнено“, одговори Песков.
Тој изјави дека во следните неколку дена не се планирани разговори меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“