Свет
Милеј: Почнува обновата на Аргентина
Според прелиминарните резултати од претседателските избори во Аргентина, врз основа на 90 проценти од преброените гласови кандидатот на екстремната десница, Хавиер Милеј, победи во вториот изборен круг против својотривал, поранешниот министер за економија, Серхио Маса.
Прелиминарните резултати покажуваат дека Милеј освоил речиси 56 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Серхио Маса освоил 44 отсто од гласовите, јави Би-би-си.
Во говорот пред поддржувачите во Буенос Аирес, Милеј вети драстични промени за справување со трагичната реалност на Аргентина, имено зголемената инфлација и широко распространетата сиромаштија.
Тој истакна дека „почнува обновата на Аргентина“.
„Денес, почнува крајот на падот на Аргентина. На моделот на декаденција му дојде крајот. Нема враќање назад“, рече Милеј.
Тој најави дека Аргентина ќе се врати на место во светот кое „никогаш не требало да го загуби“.
Противникот Серхио Маса го прозва својот противник и го призна поразот велејќи дека „Аргентинците избраа поинаков пат“, пренесува „Гардијан“.
„Очигледно ова не се резултатите на кои се надевавме. Зборував со Хавиер Милеј за да му честитам бидејќи тој е претседателот што повеќето Аргентинци го избрале во следните четири години“, додаде Маса, чие движење владее 16 од последните 20 години.
За време на неговата изборна кампања, вети дека ќе ја укине централната банка и ќе го воведе доларот во аргентинската економија со цел да се надмине финансиската катастрофа што остави 40 отсто од 45-те милиони граѓани на Аргентина во сиромаштија и ја зголеми инфлацијата на повеќе од 140 отсто.
„Знам како да го искоренам ракот на инфлацијата“, рече Милеј за време на последната претседателска дебата.
На новоизбраниот претседател на Аргентина, кој ќе ја преземе функцијата на 10 декември, победата му ја честитаа актуелниот претседател на Аргентина, Алберто Фернандез, како и претседателите на САД и Бразил.
На Мајли му честита и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој рече дека „повторно ќе ја направи Аргентина голема“, а сопственикот на платформата Х, Илон Маск, најави дека „просперитетот е пред Аргентина“.
Изборната комисија објави дека одѕивот бил 76 отсто, објави претходно „Ројтерс“.
Во првиот круг Маса освои 36,7 отсто, а Милеј 30 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нов Зеланд ја пречека Новата година со огномет
Нов Зеланд ја пречека Новата година во 12 часот по средноевропско време со огномет и прослави низ целата земја.
Пред Нов Зеланд, Новата година пристигна на пацифичките острови Самоа, Тонга и Киритибати (Велигденски Остров), каде што жителите ја пречекаа 2026 година претежно на плажа или на баровите на плажите.
По нив, Новата година ќе ја дочекаат Австралија, Северна и Јужна Кореја, Тајланд, Индија, ОАЕ, Русија, Јужна Африка и поголемиот дел од Европа.
Потребни се 26 часа за целата планета да влезе во новата 2026 година, па Бразил, Њујорк и Лос Анџелес ќе бидат последните што ќе ја дочекаат Новата година.
Свет
Топ десет најлуксузни градови во светот: победникот не е изненадување
Откриен е градот што нуди најлуксузен живот во светот, а победникот веројатно нема да ве изненади. Со речиси 900 врвни ресторани и 150 петѕвездени хотели, титулата ја понесе Париз, францускиот град на љубовта и позната дестинација за сите оние што бараат гламурозно искуство, пишува Дејли Меил.
Нова студија анализираше шест индикатори за богатство и начин на живот за да ги рангира светските градови. Конечниот „индекс на луксуз“ е создаден со комбинирање на податоци за бројот на милионери и милијардери во однос на бројот на жители, како и за густината на врвни ресторани, петѕвездени хотели, луксузни продавници и казина на квадратен километар, објавува „Индекс“.
Француската престолнина го освои првото место првенствено благодарение на својата неспоредлива кулинарска сцена. Градот нуди дури 834 врвни ресторани на 100 квадратни километри, повеќе од која било друга светска дестинација. Покрај тоа, Париз се гордее со 142 петѕвездени хотели и до 10 казина во истата област.
Второто место го зазеде Мелбурн. Австралискиот град е дом на 94.000 милионери кои можат да избираат од повеќе од 100 елитни ресторани. Мелбурн, исто така, има голема концентрација на првокласни хотели (125) и луксузни продавници (143), што им нуди на богатите посетители многу опции.
На третото место е Цирих, градот што привлекува најголем број милионери по глава на жител. Речиси еден од пет жители овде има седумцифрена вредност, што го одразува статусот на Цирих како глобален центар за управување со богатството. Градот ги третира своите богати гости со 150 врвни ресторани.
Четврт на листата е Мајами, кој има приближно иста концентрација на милионери како Париз, но и значително повеќе милијардери по жител (37). Според тоа, градот нуди повеќе од 120 врвни ресторани и околу четириесет луксузни продавници за малопродажба.
Милано ги заокружува првите пет на листата. Италијанската престолнина на модата му конкурира на Париз во врвна гастрономија со 193 луксузни ресторани кои служат заедница од 82.000 милионери. Со речиси 20 петзвездени хотели и 76 луксузни продавници, Милано е идеално место за љубителите на најновите трендови.
Њујорк е втор најлуксузен град во Америка и, според студијата, има најголем вкупен број милионери и милијардери. По него следува Лос Анџелес, додека Сингапур е на осмото место како главен азиски финансиски центар. Сеул се најде на деветтото место со 66.000 милионери и 16 милијардери, а Лондон ги заокружува првите 10, потврдувајќи ја својата репутација како центар на глобалното богатство.
Топ 10 најлуксузни градови: Париз, Мелбурн, Цирих, Мајами, Милано, Њујорк, Лос Анџелес, Сингапур
Сеул, Лондон.
Свет
Напад со дронови во Одеса, најмалку четири лица се повредени, меѓу нив и седуммесечно бебе
Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во синоќешниот руски напад со беспилотно летало врз Одеса, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктурни објекти.
„Нападот со беспилотно летало бил насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, изјави началникот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти на тој регион објавија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе и две други деца, како и 42-годишен маж, пренесува Ројтерс.
Големото црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, сообраќајната и пристанишната инфраструктура, како и станбените делови на тој град, според медиумот.

