Свет
Портпаролката на Европската комисија за оценките на Трамп: Задоволни сме што имаме одлични лидери
Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е задоволна и благодарна што има одлични лидери.
Паула Пињо одговори на прашањето на бриселскиот портал „Политико“ за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.
Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали како што рече „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во соседството“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што многу од милионите граѓани во ЕУ мислат: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.
Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.
„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју емитувано денес за „Политико“.
Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува оти имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.
Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволуваат на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги трансформирале градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.
Трамп рече дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туристите во САД наскоро при влегување ќе доставуваат информации за нивните социјални мрежи
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, планира да воведе обврска за сите странски туристи да доставуваат информации за своите сметки на социјалните мрежи во последните пет години при влегување во САД, според известувањето објавено во Федералниот регистар.
Според документот на Царинската и граничната заштита (CBP), барањето би било задолжително за сите нови влезови во земјата, без оглед на тоа дали се патници од земји кои подлежат на визниот режим или не, пишува NBC News.
Покрај информациите од социјалните мрежи, се предвидува собирање дополнителни податоци, вклучувајќи е-адреси и телефонски броеви користени во претходните пет години, како и адреси и имиња на членови на семејството.
Ова би можело да влијае и на граѓаните на Обединетото Кралство, Германија и други земји чии граѓани моментално можат да патуваат во САД без виза, користејќи само Електронскиот систем за овластување за патување (ESTA), пишува медиумот.
Министерството за внатрешна безбедност не коментираше за предлогот.
Јавноста има 60 дена да ги поднесе своите приговори, се наведува во известувањето.
Порано оваа година, Стејт департментот веќе воведе обврска за апликантите за одредени видови визи да ги објават своите профили на социјалните мрежи јавно, што Фондацијата за електронски граници го оцени како „без преседан“ и изјави дека ова има за цел следење на странските студенти.
Минатата недела беше објавено дека следењето на онлајн присуството ќе се прошири на апликантите за H-1B визи, т.е. привремени работни визи за професионални занимања, како што се ИТ, медицина, наука и инженерство.
Фото: депозитфотос
Регион
Земјоделците низ цела Грција ги засилуваат блокадите
Протестите на земјоделците низ цела Грција влегуваат во нова фаза, со најавени нови блокади на клучна инфраструктура и патишта, објавува денес весникот „Катимерини“.
Најголемите сообраќајни барикади беа поставени по централната патна мрежа, вклучувајќи делови од националниот пат Атина-Солун, автопатите Егнација, Јонија и Олимпија, како и на граничните премини Евзони и Ники кон Северна Македонија, како и Промахонас и Егзохио кон Бугарија, според написите.
Врховниот суд наложи поведување кривична постапка по службена должност против организаторите на нелегалните дејствија за време на протестот, со можност за апсење на лице место.
Во сабота, во Никеја, во близина на Лариса, ќе се одржи национален состанок на претставници на блокадите, каде што ќе се разгледаат следните чекори и усогласувањето на листата со барања.
Денес, се очекува фокусот на протестот да биде товарниот терминал на пристаништето Волос, каде што земјоделците од Тесалија планираат блокада.
На мостот Рио-Антирио, земјоделците од Аитолоакарнанија и Ахаја подготвуваат протести, вклучително и отворање на наплатни пунктови за неколку часа.
Блокадите продолжуваат на автопатот Антирио-Јанина, како и на мостовите Морнос и Евинос и на патот Амвраки.
Во регионот на Ахаја, барикади се поставени на неколку точки, вклучувајќи ги автопатите Патра-Пиргус и Патра-Коринт, поради што сообраќајот е пренасочен кон локалните патишта.
Слични блокади постојат и во Илија.
Националниот автопат Атина-Ламија е сè уште затворен на четири клучни точки, што предизвикува големи пренасочувања кон регионалните и старите патни правци во должина од неколку десетици километри.
Блокадите се зајакнуваат и во северна Евија, додека земјоделците се собираат во Халкида за да ги координираат понатамошните активности, пренесува медиумот.
Во Тесалија, протестите продолжуваат на постојните контролни пунктови на автопатот Е65, во близина на Кардика и Трикала, со секојдневно зголемување на бројот на трактори и поддршка од локалните организации.
Во областа на Солун, земјоделците остануваат на блокадата во Малгари, и покрај интервенцијата на обвинителот.
На Крит, демонстрантите трет ден по ред ја држат зградата на Децентрализираната администрација во Ираклион, каде што земјоделците од неколку области престојуваат во текот на ноќта, со најава за нови одлуки на Координативниот комитет за продолжување на протестот.
Протестите и блокадите ќе продолжат низ целата земја, додека земјоделците најавуваат понатамошно интензивирање на своите активности, пишува гореспоменатиот весник.
Главните барања на земјоделците се обештетување, намалување на трошоците за производство и поевтина нафта, како и земјоделски субвенции.
Незадоволството расте поради долгогодишното фалсификување на податоците за земјиштето и бројот на добиток со цел да се добијат европски средства, што беше посочено од европските обвинители оваа година, пренесува Танјуг.
Свет
Поранешен советник на Пентагон: Време е Зеленски да избега во Израел
Пензионираниот полковник на американската армија и поранешен советник на шефот на Пентагон, Даглас Мекгрегор, изјави дека дојде време украинскиот претседател Володимир Зеленски да „бега во Израел“, бидејќи, како што тврди, повеќе нема никаква политичка или безбедносна иднина. Коментарот беше објавен на платформата Икс.
„Време е Зеленски да ги запали моторите на својот личен авион и да одлета за Израел. Тој стана непотребен и нема иднина“, рече Мекгрегор.
Тој, исто така, оцени дека неодамнешната средба на Зеленски со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц била „бескорисна“, бидејќи украинскиот лидер, според него, не добил ништо освен „бесмислени гаранции“.
На 8 декември, Зеленски се сретна со тројцата европски лидери во Лондон, каде што, меѓу другото, разговараа за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на конфликтот во Украина. Според соопштението од Елисејската палата, разговорите ќе продолжат, а европските земји имаат намера да му обезбедат на Киев „сигурни безбедносни гаранции“ и да учествуваат во планирањето на обновата на земјата.
Фото: депозитфотос

