Свет
Предложен нов план за ставање крај на војната во Газа: „Хамас е подготвен да ја предаде власта“
Висок палестински функционер вклучен во разговорите за прекин на огнот изјави за Би-би-си дека Катар и Египет предложиле нов план за ставање крај на војната во Газа. Според изворот, предлогот предвидува прекин на огнот за период од пет до седум години, ослободување на сите израелски заложници во замена за палестинските затвореници, официјален крај на војната и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Набргу се очекува во Каиро да пристигне висока делегација на Хамас на дополнителни разговори.
Последниот прекин на огнот пропадна пред еден месец кога Израел повторно почна да ја бомбардира Газа. Двете страни, Израел и Хамас, меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот. Израел сѐ уште не го коментирал новиот предлог на посредникот.
Хамас во Каиро ќе биде претставен од шефот на политичкиот совет Мохамед Дарвиш и главниот преговарач Калил ал-Хаја. Предлогот доаѓа само неколку дена откога Хамас ја одби израелската понуда, која вклучуваше разоружување во замена за шестнеделен прекин на огнот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата изјави дека војната нема да заврши додека Хамас не биде уништен и сите заложници не бидат вратени. Хамас, од друга страна, бара Израел првин да се согласи да ја прекине војната пред да ги ослободи заложниците.
Палестински извор близок до преговорите изјави за Би-би-си дека Хамас е подготвен да ја предаде администрацијата на Газа на друго палестинско тело за кое може да се договори – или на палестинската управа на Западниот Брег или на ново владејачко тело. Нетанјаху веќе јасно стави до знаење дека палестинските власти нема да имаат никаква улога во идното управување со Газа, со која владее Хамас од 2007 година.
Иако сѐ уште е рано да се извлечат какви било заклучоци, изворот оценил дека преговорите се сериозни и дека Хамас покажува невидена флексибилност.
На 7 октомври 2023 година Хамас изврши напад врз Израел, во кој беа убиени речиси 1.200 луѓе, главно цивили, а 251 лице беа земени како заложници во Газа. Израел одговори со голема воена операција, во која, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 51.000 Палестинци, главно цивили.
Во меѓувреме, палестинската амбасада во Каиро му нареди на својот персонал, кој организира медицинска евакуација од Газа и влез на хуманитарна помош, да се пресели со своите семејства во египетскиот град Ариш, во близина на границата со Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

