Свет
Рубио во Ерусалим: Хамас мора да биде уништен
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, на прес-конференција одржана со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, рече дека палестинската исламистичка група Хамас не смее да остане владејачка сила во Појасот Газа.
„Се додека Хамас е сила на која и е дозволено да владее тука или сила која може да се заканува со насилство, мирот е невозможен“, рече Рубио, нагласувајќи дека Хамас мора да биде уништен.
Говорејќи по нивниот состанок во Ерусалим, Нетанјаху и Рубио повторија дека не смее да му се дозволи на Иран да развива или поседува нуклеарно оружје и го обвинија Техеран дека ја поттикнува нестабилноста.
„Зад секоја терористичка група, зад секој чин на насилство, зад секоја дестабилизирачка активност, зад сè што ги загрозува мирот и стабилноста на милиони луѓе кои овој регион го нарекуваат дом, стои Иран“, рече Рубио.
„Израел и Америка стојат рамо до рамо во соочувањето со иранските закани“, рече Нетанјаху.
Нетанјаху рече дека Израел му зададе „силен удар“ на Иран од почетокот на војната во Газа и рече дека со поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп „не се сомнева дека можат и ќе ја завршат работата“.
И двајцата повикаа на разоружување на либанската милиција Хезболах, додека Нетанјаху истакна дека Израел е многу посветен на спроведувањето на постојниот прекин на огнот во Либан.
Рубио го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за неговата храброст да предложи план за иднината на Појасот Газа што ги надминува „истрошените идеи“ од минатото.
Трамп неодамна го навлече гневот на арапските нации и групите за човекови права кога предложи трајно преместување на околу два милиони жители на Газа во арапските држави и трансформирање на уништената крајбрежна област во „Ривиера на Блискиот Исток“.
Нетанјаху рече дека целосно соработува со Трамп на „заедничка стратегија“ и додаде дека Трамп е „најголемиот пријател што Израел некогаш го имал во Белата куќа“.
Пред неговото патување, Рубио ги повика арапските држави да ги претстават своите предлози за иднината на Појасот Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

