Свет
Рубио и Вeнс пристигнуваат на крунисувањето на папата Лав XIV

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио ќе присуствуваат на востоличувањето на папата Лав XIV задутре, прв од САД и гласен критичар на миграциската политика на администрацијата на Трамп.
Венс, католик од 2019 година, пристигнува придружуван од неговата сопруга Уша Венс на чело на делегација во која ќе биде и Рубио, исто така католик.
Папата Лав XIV, роден како Роберт Превост во Чикаго, е првиот американски папа. Неговиот избор предизвика ентузијазам во неговата татковина, која има четврто најголемо католичко население во светот. Дури и како кардинал, новиот папа ги критикуваше Венс и претседателот Доналд Трамп за нивните антиимигрантски ставови во објави на платформата Икс.
Венс неодамна го посети Ватикан каде што накратко беше примен од папата Франциско еден ден пред неговата смрт на 21 април на 88-годишна возраст. Востоличувањето на новиот папа со инаугуративна миса ќе се одржи задутре на плоштадот „Свети Петар“, во десет часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Албанскиот премиер ја пречека Мелони на колена

За време на посетата на Албанија, италијанската премиерка, Џорџа Мелони разговараше со домаќинот Еди Рама. Средбата меѓу Мелони и Рама ја одбележа и еден необичен детал.
Рама, како и во претходните прилики, клекна пред италијанската премиерка, што ја насмеа италијанската лидерка.
„Не, Еди“, му рече Мелони низ смеа. „Тој го прави тоа за да биде висок колку мене“, додаде таа, а потоа срдечно се прегрнаа.
Рама клекна пред Мелони и во јануари оваа година, при што и го честиташе роденденот.
Мелони и Рама разговараа за низа теми, вклучувајќи го и мигрантскиот камп кој беше изграден во Ѓадер, во регионот на Лежа. Таму привремено ќе бидат сместени мигрантите од трети земји кои се враќаат од Италија, додека не им се проверат документите.
Мелони, говорејќи од Тирана каде што учествува на состанокот на Европската политичка заедница, изјави дека работата таму брзо напредува, што според нејзините зборови покажува дека се е „на добар пат“.
На прашањето дали поминала покрај мигрантскиот центар, таа одговори: „Немав време. Работата продолжува и тоа покажува колку брзо се оди, што потврдува дека, како што ветивме, одиме во добра насока“.
Мелони се осврна и на војната во Украина, велејќи дека Европската унија мора да инсистира на безусловно примирје и сериозен мировен договор кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Киев.
„Не смееме да бараме алтернативи. Мораме да инсистираме на сериозни мировни договори и безусловен прекин на огнот, со безбедносни гаранции за Украина. Работиме на тоа“, рече Мелони.
Свет
Папата Лав ги повика дипломатите да покажат солидарност. „И јас сум потомок на имигранти“

Во своето прво обраќање до светските дипломати во Ватикан, папата Лав изјави дека достоинството на мигрантите мора да се почитува и ги повика земјите да го запрат производството на оружје.
Папата, кој е од Соединетите Американски Држави, но живеел во Перу неколку години, се опиша себеси како потомок на имигранти и повика на сочувство и солидарност со раселените лица. Папата го искористи своето обраќање за да го повтори традиционалното учење на Црквата за бракот потврдувајќи дека тој е стабилна заедница меѓу маж и жена и нагласувајќи ја важноста на семејството како основа за хармонија во општеството.
Лав XIV, кој беше избран за папа минатата недела, го исполни својот говор со теми за мир, правда, верска слобода, причините за конфликтите и потребата од мултилатерална дипломатија.
Новиот папа рече дека искуствата од животот во Северна и во Јужна Америка и патувањето низ светот му дале можност да ги надмине границите и да запознае разни луѓе и култури. Лав XIV исто така посочи дека ќе ја продолжи традицијата на своите претходници и ќе патува низ светот.
Тој го потврди ставот на Црквата против абортусот и рече дека Црквата нема да се двоуми да употреби директен јазик за да им ја каже вистината на моќните во светот. Папата ги издвои Блискиот Исток и Украина по име велејќи дека луѓето таму денес најмногу страдаат.
Регион
Во Тирана почна самитот на европската политичка заедница

Шестиот самит на европската политичка заедница под мотото „Нова Европа во нов свет“ се одржува во Тирана, на кој учествуваат лидери од повеќе од 40 европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Домаќини на самитот се албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а една од темите на средбата е поддршката за европската интеграција на Западен Балкан, економската соработка, енергетската безбедност и зелената транзиција.
Премиерот на Албанија ги пречека лидерите и официјалните лица кои учествуваат на самитот на плоштадот Скендербег во Тирана, а на самитот присуствуваат лидерите на земјите од регионот, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Италија Џорџа Мелони, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.
На самитот присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој од вчера најавува дека ќе биде слушната убава вест за македонските граѓани.
Дискусиите ќе се одржат на неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската стабилност на Европа, конкурентноста и економската безбедност, сложената динамика на миграцијата и војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на самитот ќе се одржи прес-конференција, која заеднички ќе ја водат домаќинот на средбата Рама и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја следната година ќе биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница.