Свет
Трамп: Јапонците се разгалени, толку многу им треба ориз, но нема да го земат

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сомнежи за можноста за постигнување трговски договор со Јапонија, еден ден по заканите со повисоки царини за јапонскиот извоз во САД тврдејќи дека земјата одбива да купува американски ориз.
„Склучуваме договори со Јапонија. Не сум сигурен дека ќе склучиме договор, се сомневам“, им рече Трамп на новинарите во авионот. „Тие и другите се толку разгалени откога нè искористуваа 30 или 40 години, што им е навистина тешко да склучат какви било договори сега“.
Како што се приближува 9 јули, кога истекува 90-дневната пауза во реципрочните царини на Трамп, американските трговски партнери, вклучително и Јапонија, се обидуваат да постигнат договори за кои се надеваат дека ќе го задоволат американскиот претседател. Јапонскиот извоз во САД беше погоден од царина од 24 % кога Трамп почна глобална царинска офанзива на 2 април пред да направи тримесечна пауза.
Трамп рече дека нема планови да го продолжи замрзнувањето на царините по 9 јули. „Не размислувам за продолжување“, рече тој кога новинарите го прашаа дали размислува за дополнителен простор за тргување. „Некои земји, дури и нема да може да тргуваат со нас. Но во повеќето случаи, ние ќе го одредиме износот“, додаде тој осврнувајќи се на нивото на царините.
Во понеделникот Трамп првпат се огласи на социјалните мрежи за да ја обвини Јапонија дека не купува американски ориз. Сепак, тоа тврдење не е точно. Според Бирото за попис на САД, Јапонија минатата година увезла ориз во вредност од 298 милиони долари од САД. Од јануари до април оваа година купила ориз во вредност од 114 милиони долари, анализираат медиумите.
Сепак, Трамп го повтори ова тврдење во вторникот. „Им треба толку многу ориз, а нема да го земат“, рече тој. Додаде дека Јапонците не купуваат американски автомобили тврдејќи: „Не им продадовме ниту еден автомобил во последните десет години“.
Според Здружението на увозниците на автомобили во Јапонија, Јапонија минатата година увезла 16.707 американски возила. „Она што ќе го направам е – ќе им напишам писмо со благодарност и ќе им кажам дека знаеме дека не може да го сторат она што го бараме, па затоа ќе платат 30 проценти, 35 проценти или што и да одлучиме“, рече Трамп.
Заменик-главниот секретар на јапонската влада, Казухико Аоки, рече дека преговорите со американската страна продолжуваат. Тој рече дека владата е свесна за тврдењата на Трамп, но одби да ги коментира. „Јапонија ќе продолжи да води сериозни и искрени разговори за да постигне договор што ќе биде во заемен интерес“, рече тој.
Трговските преговори меѓу Јапонија и САД се заглавени првенствено поради царините за автомобили, кои се клучни за јапонската економија. Јапонија се надеваше дека САД ќе ја намалат својата царина од 25 проценти за автомобили, но Трамп остана на својот став. Кон средината на јуни јапонскиот премиер Шигеру Ишиба се сретна со Трамп на маргините на самитот на Г7. Тие се согласија да продолжат со преговорите, но средбата не доведе до никаков конкретен напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Украина и Русија разменија заробеници

Украина и Русија денес одржаа нова размена на воени затвореници според јунскиот договор, без да го откријат нивниот број.
Двете земји неколку пати разменија воени затвореници во последните недели, што е единствената област на соработка меѓу двете завојувани страни кои не постигнуваат напредок во мировните преговори, според медиумите.
„На 4 јули, нова група руски војници се врати од територијата контролирана од режимот во Киев“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Објави видео на кое се прикажани околу петнаесет војници опкружени со знамиња и извикуваат „Русија“ во автобус.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ја потврди размената, велејќи дека повеќето од затворениците биле во руско заробеништво од 2022 година, вклучувајќи и цивили.
„Размените мора да продолжат. Целта на Украина е да ги ослободи сите наши сонародници притворени во Русија“, напиша Зеленски на апликацијата Телеграм.
На 2 јуни, Киев и Москва се согласија да ги ослободат сите воени заробеници под 25 години и тешко ранетите, како и да ги вратат останките на паднатите борци, што беше единствениот позитивен исход од разговорите во Истанбул.
Двете страни неодамна престанаа да откриваат информации за ослободените затвореници.
Свет
(Видео) Трамп на митинг: Демократите ме мразат, но и јас ги мразам, не можам да ги поднесам

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно предизвика бран реакции со шокантна изјава, пишуваат светските медиуми.
„Тие ме мразат, но и јас ги мразам“.
Зборувајќи на митинг во Ајова, Трамп коментираше за фактот дека демократите не го поддржаа неговиот закон, кој го нарекува „одличен, прекрасен закон“. Во таа пригода, тој рече: „Тие го мразат Трамп, но и јас ги мразам, знаете? Навистина не можам да ги поднесам. Бидејќи верувам дека ја мразат нашата земја“.
BREAKING: In a shocking moment, Trump declares that he is unable to be a President to ALL Americans, as he hates Democrats. "They hate Trump, but I hate them too. I really do, I hate them. I can’t stand them."
What a small, hateful man. pic.twitter.com/hUKIGMs9g5
— Really American 🇺🇸 (@ReallyAmerican1) July 4, 2025
Изјавата веднаш предизвика остри реакции, особено од демократската страна. Ова не е прв пат Трамп да користи слична реторика кон политичките противници. Така, неодамна го нарече демократскиот кандидат за градоначалник на Њујорк, Мамдани, „луд комунист“, според написите во медиумите.
Конгресот вчера го одобри законот на Трамп, кој демократите го нарекоа „одвратна гнасотија“. Трамп тврди дека ќе ја зајакне Америка со даночна реформа и инвестиции во војската и безбедноста, додека демократите предупредуваат на укинување на бројни социјални мерки, даночни олеснувања за најбогатите и дополнително зголемување на огромниот американски јавен долг.
Свет
Зеленски се договорил со Трамп за зајакнување на заштитата на украинското небо

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека за време на телефонскиот разговор со неговиот американски колега, Доналд Трамп, се согласил да „ја зајакне заштитата“ на украинскиот воздушен простор по новиот масовен напад од страна на руски беспилотни летала и ракети.
„Разговаравме за опциите за противвоздушна одбрана и се согласивме да работиме заедно за зајакнување на заштитата на воздушниот простор“, рече Зеленски на Телеграм и додаде дека разговорот бил значаен.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, изјави претходно денес дека телефонскиот разговор меѓу Зеленски и Трамп „бил многу важен и богат“.
Трамп претходно разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, но немаше напредок кон прекинување на руската војна во Украина, пренесуваат светските агенции.