Свет
Трамп ќе го преименува Министерството за одбрана во Министерство за војна

Американскиот претседател Доналд Трамп планира денес да потпише извршна наредба за преименување на Министерството за одбрана во „Министерство за војна“, изјави во четвртокот функционер на Белата куќа.
Наредбата ќе ги овласти министерот за одбрана Пит Хегсет, Министерството за одбрана и на подредените службеници да користат секундарни титули како што се „министер за војна“, „Министерство за војна“ и „заменик-министер за војна“ во службената кореспонденција и јавните комуникации, според брифинг-документот на Белата куќа.
Овој потег, кој веројатно би чинел стотици милиони долари, би го насочил Хегсет да препорача законодавни и извршни мерки потребни за преименувањето да стане трајно.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп презеде чекори за преименување на голем број места и институции, вклучувајќи го и Мексиканскиот Залив, и за враќање на оригиналните имиња на воените бази што беа променети по протестите за расна правда.
Промените на имињата на одделите се ретки и бараат одобрение од Конгресот, но републиканците имаат тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом. Партиските лидери во Конгресот покажаа мал интерес да се спротивстават на која било од иницијативите на Трамп.
Министерството за одбрана на САД се нарекуваше Министерство за војна до 1949 година, кога Конгресот ги консолидираше Армијата, Морнарицата и Воздухопловните сили по Втората светска војна. Историчарите велат дека името е избрано делумно за да се сигнализира фактот дека Соединетите Држави беа фокусирани на спречување на војна во нуклеарното доба.
Повторната промена на името ќе биде скапа и ќе бара ажурирање на знаците и меморандумите што ги користат не само службениците на Пентагон во Вашингтон, туку и воените инсталации низ целиот свет.
Критичарите велат дека планираната промена на името не е само скапа, туку и непотребна. Но, Хегсет рече дека промената на името „не е само прашање на зборови – тоа е воинствен етос“.
Оваа година, еден од најблиските конгресни сојузници на Трамп, републиканскиот претседател на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД, Џејмс Комер, воведе закон што ќе му го олесни на претседателот реорганизацијата и преименувањето на агенциите.
„Ние едноставно ќе го направиме тоа. Сигурен сум дека Конгресот ќе се согласи ако треба… Одбраната е премногу дефанзивна. Сакаме да бидеме дефанзивни, но сакаме да бидеме и офанзивни ако треба“, рече Трамп минатиот месец.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се урна покрив на супермаркет во Германија, двајца се тешко повредени

Две лица се тешко повредени, а уште двајца се со полесни повреди при делумно уривање на покрив на супермаркет во Лаухринген, Југозападна Германија, во близина на границата со Швајцарија, соопшти полицијата, пренесува ДПА.
Инцидентот се случил вчера околу 17:45 часот по локално време во делот на супермаркетот каде се наоѓала контролната сала, во квартот Валдшут.
Причините за уривањето се уште се истражуваат, а не е познато колку купувачи биле во продавницата во моментот на несреќата.
Свет
Руските сили извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу загинатите е и бебе

Руските сили ноќеска извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев, каде е погодена главната зграда на украинската влада. Во нападот, како што соопштија утрово украинските власти, убиени се три лица, меѓу кои и едно бебе.
Според извештатите, Киев бил цел на напади со беспилотни летала и ракети истрелани од Русија, а покрај убиените, во нападот се повредени и 18 лица, а десетици згради биле опожарени.
Ова е првпат зграда на украинската влада да биде оштетена во руски напад од почетокот на војната.
Свет
Зеленски тврди дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави синоќа дека речиси 60 проценти од оружјето што го користи украинската армија се произведува во Украина. Тој, во своето редовно вечерно обраќање до нацијата, додаде дека ова претставува надминување на целта што ја поставил пред два месеца.
– За време на војната, Украина стигна до тоа речиси 60 проценти од оружјето што е во рацете на нашите војници да биде украинско производство, рече Зеленски во видеообраќањето.
– И тоа се моќни оружја, со низа модернизации, нагласи тој.
Зеленски и други украински претставници со месеци го истакнуваат напредокот во домашното производство на оружје како клучен фактор за идната одбрана на земјата.
Во обраќањето тој се осврна и на заедничкиот проект за производство на оружје со Данска. Во јули, Зеленски го повика новото владино раководство да обезбеди најмалку 50 проценти од оружјето за армијата да се произведува во Украина.
Тогаш тој наведе дека украинското производство обезбедува околу половина од оружјето на армијата – највисоко ниво од прогласувањето на независноста на земјата во 1991 година.