Свет
Хамас: Најавата на Франција за признавање на Палестина е важен чекор

Официјален претставник на исламистичкото движење Хамас ја опиша најавата на Емануел Макрон за можното признавање на палестинската држава во јуни како „важен чекор“ што би претставувал напредок кон палестинските права.
„Франција, како земја со политичка тежина и како постојана членка на Советот за безбедност, е способна да води во насока на праведни решенија и да се стави крај на окупацијата и да се реализираат аспирациите на палестинскиот народ“, рече Махмуд Мардави.
Макрон во средата во интервју за телевизијата Франс 5 рече дека Париз може да ја признае палестинската држава во јуни, но дека за возврат некои земји од Блискиот Исток би можеле да го признаат Израел.
„Мораме да се придвижиме кон признавање (на палестинска држава). И во текот на следните неколку месеци ќе го направиме тоа. Не го правам тоа за никого да му угодам. Ќе го сторам тоа бидејќи во одреден момент ќе биде фер“, рече тој.
Макрон организира конференција за решението за две држави со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во јуни, а тој собир, според дипломатски извори, може да биде „поволниот момент“ што Франција го чека за на крајот да ја признае палестинската држава. Тој, сепак, очекува Израел да биде признаен од некои држави од Блискиот Исток.
Израел го осуди признавањето на „фиктивната палестинска држава“
„Едностраното признавање на фиктивна палестинска држава, од која било земја, во реалноста што сите знаеме што е тоа, само ќе го награди тероризмот и ќе му даде поттик на Хамас“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.
Според неговите зборови, „тоа нема да донесе мир, безбедност и стабилност во нашиот регион, туку сосема спротивно: уште повеќе ќе не оддалечи од сето тоа“.
Повиците за решение за две држави се интензивираа по новата војна во Газа, која започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Аракчи: Иран не е подготвен за директни преговори со САД

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес изјави дека директните разговори со САД за нуклеарниот договор во моментов не се можни поради санкциите и политиката на максимален притисок што ја води Вашингтон.
„Во овој момент, ќе водиме само индиректни преговори. Очигледно, поради заканите испратени од американската влада и економските санкции, како и политиката на максимален притисок врз нас, не можеме да водиме директни преговори со нив. Но, дипломатскиот пат е отворен, индиректните преговори не се нешто комплицирано или изненадувачко, можно е да се постигнат договори“, рече Аракчи по разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
Според него, Техеран верува дека е можно да се постигне договор за иранската нуклеарна програма, но нереалните барања на САД ја намалуваат веројатноста за постигнување договор.
„Утре, многу сериозно и доброволно ќе учествуваме во преговорите за наоѓање решение за мирнодопската нуклеарна програма на Иран. Барањата на САД, кои се нереални, само ќе ја намалат можноста за постигнување договор“, рече Аракчи.
Тој претходно потврди дека утре ќе го посети Рим, каде што ќе учествува на втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД, чиј домаќин е владата на Оман.
На 12 април, во главниот град на Оман, се одржаа индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле „позитивни и конструктивни“.
Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како „конструктивна и мирна“, му се заблагодари на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, за неговите напори во размената на мислења меѓу иранската и американската делегација и најави дека втората рунда преговори со САД ќе се одржи на 19 април, пренесува Танјуг.
Свет
Автомобил завршил во тераса на ресторан: жена предизвикала несреќа во шпанско одморалиште, има загинати и повредени

Две лица загинаа, а три се тешко повредени во несреќа што се случи во четвртокот вечерта на морскиот брег во градот Фуенхирола во Малага, откако автомобил удрил во столб, а потоа со голема брзина излетал од патот и удрил во терасата на еден ресторан.
По несреќата, уапсена е 45-годишна Иранка која го управувала возилото без возачка дозвола и била позитивна на алкохол, објавува шпанскиот портал „Диарио Сур“.
Според објавата на Градскиот совет на Коста дел Сол на социјалните мрежи, во несреќата загинале 47-годишна жена, која била патничка во автомобилот вклучен во несреќата, и 25-годишен пешак.
Покрај тоа, уште три лица беа „сериозно повредени“ и им беше укажана итна медицинска помош.
Локалната полиција на Фуенхирола започна истрага за да ги разјасни причините за несреќата. На местото на настанот беа испратени националната полиција и пожарникарите.
Свет
Најмалку 82 лица ранети во рускиот ракетен напад врз Харков: меѓу нив шест деца

Украинската државна служба за вонредни ситуации објави дека бројот на повредени во утринскиот руски ракетен напад врз Харков се зголемил на 82, вклучувајќи шест деца, додека едно лице е убиено, пренесува Укринформ.
Градоначалникот на тој украински град, Игор Терехов, претходно напиша на Телеграм дека 54 лица се ранети во рускиот ракетен напад врз Харков утрово, а дека подоцна тој број се зголемил на 74, додека едно лице е убиено.
Исто така, порано денес, Олех Сињехубов, кој раководи со Харковската регионална воена администрација, објави дека 13 лица, меѓу кои и две деца, се хоспитализирани по нападот, објави Укринформ.
Според него, четворица од хоспитализираните се во сериозна здравствена состојба.
Ракетниот напад го погодил густо населениот округ Основјан во Харков, според украинската агенција.