Свет
Јулија Навална: На Путин мора да му дојде крајот
Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.
„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен“, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа. Како што рече таа во видеото објавено на ‘Јутјуб’, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.
„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака, освен него“.
Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“ и дека тој го изневери ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.
„Пред два месеца Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашни терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици смртни случаи на наши сограѓани. А сепак мирни поединци секојдневно се апсат поради новинарство, мислења или дури објави на социјалните мрежи“, рече Навална. Таа додаде дека мора да се осигури дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија ниту надвор од нејзините граници.
„Нашата земја моментно ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не откажувајте се, вистината ќе победи“, заклучи Јулија, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Невреме во Хрватска: гром запали куќа, летаа покриви, автомобили заглавени во вода
Пожар избувна во семејната куќа во Борлин по удар на гром по силното невреме.
Со тешки телесни повреди се здобил и 52-годишен пожарникар кој е пренесен на лекување, јавува „ Нова ТВ“.
Командирот на Јавната противпожарна служба во Карловац, откри детали за повредениот пожарникар.
„За време на гаснењето имаше неколку експлозии, најголемата беше при нашето пристигнување, за време на гаснењето имаше неколку секундарни експлозии, не знаеме точно што ги предизвикало експлозиите, можеме да претпоставиме дека се работи за остатоци од мини-експлозивни направи од Татковинската војна“, рече тој.
Додаде дека пожарникарот има сериозни повреди, пренесува „Индекс“.
„Ќе биде опериран, сакаме да закрепне што е можно поскоро“, изјави тој за РТЛ.
Соседите во предградието на Карловац, опишаа дека гром прво удрил во куќата, по што следеле поголеми и помали експлозии, од кои стотици. Плочки летаа и до 80 метри, а на улица можеше да се најдат и чаури.
Силно невреме попладнево зафати делови од Хрватска. Најтешка беше ситуацијата во Карловац.
Големо количество врнежи за кратко време предизвикаа поплави на бројни патишта во Карловац. Поплавени се подвозници и паркинзи, автомобили останаа заглавени во водата.
Итните служби се на терен.
Во повеќе делови од градот паѓаше град. Засега се уште нема информации за штети.
Карловачките пожарникари примиле околу 20 повици за интервенции, потврди градоначалникот Дамир Мандиќ.
Свет
Роберт де Ниро: Трамп е кловн кој може да стане тиранин
Познатиот американски актер Роберт де Ниро денеска ненадејно се појави во близина на судот во Њујорк за јавно да го нападне кандидатот за претседателските избори, републиканецот Доналд Трамп, за кого рече дека е „кловн кој може да стане тиранин“.
Актерот кој го поддржува актуелниот, демократски претседател Џозеф Бајден изјави дека Њујорк е „неговото место“.
„Го сакам овој град, не сакам да го уништам. Доналд Трамп не само што сака да го уништи овој град, туку и земјата и, на крајот на краиштата, може да го уништи светот“, изјави Де Ниро, долгогодишен противник на поранешниот републикански претседател.
Обраќањето на Де Ниро всушност беше организирано од предизборниот тим на демократскиот претседател Бајден, додека во исто време, чекор понатаму, Трамп ги слушаше своите адвокати кои се залагаат за ослободителна пресуда во кривичната постапка против него.
Актерот кој сега има 80 години изјави дека Трамп е „кловн“ и дека неговата кандидатура за претседател во 2016 година сите ја сметале за шега.
„Кога Трамп се кандидираше во 2016 година, тоа беше како шега, идиот кој се кандидираше за претседател. Ги заборавивме лекциите од историјата кои ни покажуваат дека другите кловнови не беа сфатени сериозно додека не станаа диви диктатори“, рече Де Ниро.
Тој додаде дека сега никој не треба да се смее, туку мора да ја искористи оваа единствена можност и да гласа против него – еднаш засекогаш.
Свет
Лукашенко: „Се приближуваме до жешката фаза од судирот со Западот, не се опуштаме“
Белорусија е изложена на најголемиот притисок во поновата историја од Западот, меѓу нив е и информативниот, кој е увертира во жешката фаза на конфликтот, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Не се опуштаме. Згора на тоа, максимално сме фокусирани на заканите. Причините се познати. Сè уште сме подложени на хибриден притисок од Западот – најголем во поновата историја. Станува збор за политички притисок, кој го вршат преку промовирање антибелоруска позиција на меѓународно политичко-правно поле, потоа информативен притисок, кој го вршат со радикализирање на екстремистички платформи, економски – со воведување нови пакети санкции, како и војската – со обиди да се вовлече Белорусија во воени конфликти“, рече Лукашенко во своето обраќање на форумот на белоруските медиумски заедници во Могилев.
„Правам се за да нема војна во државата“, рече тој.
„Не сакам никаква војна и сигурен сум дека ниту мнозинството Белоруси не сакаат“, додаде тој.
„Вчера, додека се подготвував да се сретнам со вас, се обидов да се сетам кога во нашиот речник се појавија термините „информативна војна“, „ментална војна“, „лажна“, „пост вистина“ и други. Одговорот е – неодамна, буквално пред некои шест до седум години. И колку се стари овие феномени? Нема да броиме. Веројатно додека живее човек, бидејќи информативната војна е увертира во горливата фаза на конфронтацијата“, изјави Лукашенко.
Според него, во Белорусија треба да се зајакне пропагандата и контрапропагандата, како и идеолошката работа.