Економија
Битиќи: Ќе треба да скратиме од пензиите и од оброците на студентите ако ги зголемиме платите во здравството и во Обвинителството
Зачестените протести и најави за нови протести за поголеми плати во здравството и судството не го менуваат значително ставот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој вели дека платите може да се зголемат, но доколку се понудат квалитетни услуги, а притоа да се води сметка покачувањата да им не нанесат штета на другите.
„Јас и министерката за труд и социјална политика сме вклучени во речиси сите преговори со сите страни. И немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравството, притоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби и дедовци, родители, за нас самите. Немаме проблем да ги зголемиме платите и во судството и во Обвинителството ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината. Нема проблем, ќе решиме сѐ, само да не биде на штета на другите. Притоа треба да не заборавиме дека ако го зголемиме фондот за плати во здравството, во Обвинителството, во судовите, ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е, изборот е тој. Тоа се можностите“, вели вицепремиерот Битиќи.
За петок протести најави Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ). Протестот ќе биде пред Собранието оти тогаш пратениците ќе разговараат за предлог-буџетот за 2024 година. Ќе протестираат вработените во судовите и во обвинителствата, а вчера и вработените во Фондот за здравство најавија дека ќе се приклучат. Поканети се и сите други синдикати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%

