Регион
Болтон: Нестабилен Балкан не е во ничиј интерес

Нестабилен Балкан не е во ничиј интерес и сега Балканот треба да има поголем приоритет отколку што беше случај за време на првиот мандат на Доналд Трамп, изјави Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Доналд Трамп.
„Во вашиот регион имате многу важни надворешни фактори, кои се мешаат во внатрешните работи на државата. Ризикот од понатамошна нестабилност е голем за што придонесува и војната во Украина. Дејствата на администрацијата на Трамп не се гаранција дека таму ќе има успех, особено што Европската Унија досега беше целосно неуспешна. Она што треба да се потврди е дека нестабилен Балкан не е во ничиј интерес“, изјави Болтон.
Тој посочи дека лидерите на европските земји се нови личности, поинакви од претходните, како и дека во Европа има многубројни предизвици, меѓу кои се изборите во Романија, изборите во Германија, кои ќе следуваат, и како што Болтон истакнува: „Макрон е во неволја“.
„Во однос на соработката на Трамп со овие нови лидери, тој смета дека ако има добри лични односи со нив, тоа е од значителна корист, што звучи поедноставено. „Ќе биде неопходно да се соработува со новите европски лидери, што нема да биде лесно “, рече Болтон.
Тој потсети дека Трамп најави воведување царини за европските земји и оцени дека тоа ќе предизвика контрареакција, а тоа отвора можност за предизвикување трговска војна, која може да има значителни економски последици за САД и Европа.
„Трамп посочи дека ќе воведе царини од 10 до 20 отсто за европските земји и 60 отсто за Кина. Тоа може да предизвика војна во меѓународната трговија“, посочи Болтон.
Според него, Ричард Гренел, кој беше избран за американски пратеник во руско-украинската војна, имал аспирации да биде назначен за државен секретар како искусен дипломат и човек од доверба на Трамп, тој бил пратеник за Балканот и амбасадор во Германија.
„На Трамп ќе му требаат помалку совети во вториот мандат и бидете сигурни дека тој ќе одлучи за ова, како и за сите други клучни позиции. Трамп нема да се потпира на советите на соработниците, туку ќе очекува неговиот персонал да ги спроведе неговите одлуки“, нагласи Болтон.
Тој посочи дека претседателот на Соединетите Американски Држави во заминување, Џозеф Бајден, може да има значително влијание на две области до крајот на мандатот, а тоа се Украина и Блискиот Исток.
„Договорот со Украина да може да користи софистицирано оружје со долг дострел длабоко на руска територија требаше да биде одобрен пред три години. Сепак, администрацијата на Бајден немаше анализа или стратешки пристап за решавање на овој проблем. Целосната цел на воениот ангажман во Украина би бил обновување на суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа земја“, рече Болтон.
Тој додаде дека верува оти нема бргу и лесно решение за украинскиот конфликт, како и дека не верува оти Вашингтон ќе му даде поголема помош на Киев до крајот на мандатот на Бајден.
„Ако Трамп не биде успешен во своите мировни напори во Украина, тој ќе ја префрли одговорноста за тоа на Зеленски или Путин, не на себе“, рече Болтон додавајќи дека Трамп, всушност, сака да стави крај на војните на Блискиот Исток и во Украина што е можно побргу, а тоа можеби имплицира дека тој не е толку загрижен за тоа како ќе завршат овие војни колку за запирање на конфликтите.
Тој додаде дека во политичките кругови на власта постои мислење дека на американските претседателски избори Иран застана против Трамп, а Русија застана зад него.
„Иранците изразуваат загриженост дека Трамп ќе заземе цврст став кон Техеран, а друга линија на размислување е дека тој нема да биде толку строг кон Иран како во првиот мандат“, рече Болтон.
Тој посочи дека ако војната на Блискиот Исток продолжи, може да се очекуваат посилни санкции против Иран, како и дека се очекува Трамп да воведе санкции за Хутите во Јемен, кои Иран ги снабдува со оружје.
„Целта е да се обезбеди слободна морска пловидба низ Суецкиот Канал, кој Хутите го блокираа веќе една година. Решението на ова прашање не треба да се занемари и се верува дека Трамп ќе преземе соодветни мерки. Трамп сака војните да завршат што е можно побргу“, заклучи Болтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.
Регион
Вучевиќ: Блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност

Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност и истакна дека поради блокадите на раскрсниците, изборите нема да бидат распишани.
„Некој мисли дека ако блокираат 50 раскрсници, Вучиќ ќе распише избори. Изборите нема да бидат распишани поради тоа. Добро е осмислено, со овие груби, навидум ненасилни дејства, тие се мешаат во нормалното функционирање на граѓаните. Најодвратно е што уживаат во фактот што некој не може да се движи слободно, што ја малтретираат и исцрпуваат полицијата“, рече Вучевиќ за ТВ „Информер“.
Вучевиќ изјави дека главната цел на сè што прават е соборување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а со тоа и уништување на земјата.
„Тој е нивна пречка, нивна главна цел. Нивните цели се јавните пари да завршат во приватни џебови. Потоа ние да бидеме геноцидна нација и тие да ја завршат работата за Косово, за да биде завршено. Исто така, Србија да добие марионетска влада“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ изјави дека оние што блокираат работат на уништување на економијата и спречување на граѓаните да живеат нормално.
Вучевиќ истакна дека блокадите си играат со нервите на мнозинството во Србија бидејќи 15-20 илјади луѓе малтретираат шест и пол милиони луѓе мислејќи дека ќе ги постигнат своите политички цели.
„По ова, никој нема сомнение дека ова се обиди за шарена револуција. Ги молам сите граѓани за трпение. Државата нема да запре. Издржавме агресија на НАТО, санкции, многу полоши работи. Ќе го сториме и ова. Економијата сигурно страда, луѓето се нервозни и немирни“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ им честита на полицијата, БИА и на другите безбедносни агенции за нивната професионална работа.
„Им симнувам капа на сите што работеа. Тие ги консолидираа своите редови. Тие разбираат и го информираат државниот врв за она што ни се подготвува. Полицијата ја врати довербата на граѓаните. Врската помеѓу судството и Обвинителството сè уште не е доволно силна. Постојат тактики, некои се отворени за револуција“, рече Вучевиќ.
Според него, ниедно собирање на оние што протестираат не е легално, исто како што не е легална ниту блокадата на раскрсниците и железниците.
„Не е легално да се тепаат новинарки, да се линчува, прогонува и таргетира некого, не може да биде легално кога ја напаѓате полицијата“, рече Вучевиќ.
Фото: ЕПА