Македонија
(Видео) Ивановска: Го викнавме Кочо Анѓушев на отчет за „Тополки“
За неколку актуелни случаи на сомнежи за корупција пријавени во Државната комисија за спречување на корупцијата, многу набргу ќе има одлука. Таков е случајот „Тополки“ за купопродажбата на земјиштето за изградба на хидроцентрали на братот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Ова во интервју за „Макфакс“ го откри претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, која говореше за постигнатото во првите над шест месеци работа како состав.
„Работењето на предметот е при крај. Во текот на истражувањето имавме средба и со вицепремиерот Кочо Анѓушев со цел да ги видиме сите околности настанати за случајот. Многу набргу ќе излеземе со нашите ставови“, рече Ивановска. На прашање дали досега откриле незаконитост, рече дека не би сакала да говори за случајот пред објавата на Комисијата.
Случајот со набавката на радарската опрема во ‘Македонска навигација’, каде што е инволвиран и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, антикорупциската комисија го работи заедно со Државниот завод за ревизија. Рашковски сè уште не бил повикан во Комисијата, но ако има потреба, и тоа ќе се случи, рече Ивановска.
На следната седница како точка на дневен ред ќе се најде и предметот со имотната состојба на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
Ивановска одговори и на повеќе прашања поврзани со работата на антикорупциската комисија, со отфрлените пријави од Управниот суд и Обвинителството. Меѓу топ-три генератори на корупцијата ги наведе вработувањата и јавните набавки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска – Рокас: соработката со Европската унија е од суштинско значење за реализација на планираните образовни промени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со новоакредитираниот амбасадор на Делегацијата на Европската унија, Михалис Рокас.
Посакувајќи му успешен мандат, Јаневска се заблагодари на амбасадорот Рокас за континуираната поддршка на ЕУ во процесот на реформирање на националниот образовен систем.
На средбата, таа ги претстави тековните активности и планот за поквалитетно образование на сите нивоа.
„Стремежот за полноправно членство во Европската Унија продолжува да биде важен општествен стимул и значаен фактор на кохезија за македонските граѓани, кои пак, од нас како Влада очекуваат современо и модерно образование. Истрајни сме во определбата да ги реализираме промените кои ги претставивме на почетокот на нашиот мандат. Оптимизам и решителност постои, а соработката со Европската унија е од суштинско значење за остварување на зацртаната цел, рече Јаневска на средбата.
Евроамбасадорот укажа на подготвеноста на ЕУ и понатаму да биде посветен партнер на државата во градењето современ образовен систем, кој ќе образува европски граѓани.
Македонија
Сиљановска Давкова – Гутереш: Не смее да се дозволи, билатерализацијата во случајот со македонската евроинтеграција да стане камен на сопнување за проширувањето
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
На средбата претседателката ги потенцираше принципите на светската организација како основа на којашто мора да функционира меѓународниот поредок, без разлика дали се работи за мали или големи држави. Таа на својот соговорник му посочи дека во случајот со македонската евроинтеграција не смее да се дозволи билатерализацијата да стане камен на сопнување за проширувањето на Европската Унија, која е настаната како мировен процес.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата искажа лутина поради пречките коишто Северна Македонија ги има на патот кон Европската Унија. Порачувајќи дека е голем почитувач на македонската евроинтеграција, во разговорот тој ја потенцираше својата лична солидарност за напорите на земјата да биде дел од ЕУ.
Генералниот секретар како добар познавач на процесите на евроинтеграција и состојбата во регионот на Западен Балкан, нагласи дека македонската евроинтеграција, целосно заслужено, треба да се случи колку што е можно побрзо.
Македонија
Забрана за движење на одредена категорија моторни возила на патот А3, Ресен – Охрид
Од АМСМ информираат дека во одреден временски период од денот на патот Ресен – Охрид ќе има забрана за движење на одреден вид на возила.
Имено во времето од 17:15ч. на магистралниот пат А3, Ресен – Охрид, ќе има забрана за движење на одредена категорија моторни возила, односно влекачи со полуприколка и ТМВ со приклучни возила, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.