Македонија
(Видео) Како ќе изгледа враќањето на училиште: на секое дете ќе му се мери температура, маските ќе се вадат само за време на оброкот

Министерството за образование и наука во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ И УСАИД, изработи видео во кое на јасен и едноставен начин се прикажани протоколите на кои треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите, со враќањето на децата во училниците од први октомври годинава. Видеото е веќе достапно на официјалните ФБ профили на МОН, на министерката за образование и наука Мила Царовска, како и на ФБ профилите на УНИЦЕФ и УСАИД.
Оваа учебна година е поразлична од другите, бидејќи наставата ќе се одвива под посебни услови, но доколку сите се придржуваме до пропишаните протоколи лесно ќе се заштитиме од ширењето на вирусот.
Како ќе изгледа враќањето на училиште? #БезбедниНаУчилиште
Posted by Мила Царовска on Сабота, 19 септември 2020
Придржувањето на протоколите ќе биде особено важно за децата на помала возраст од прво до трето одделение коишто ќе следат настава со физичко присуство, затоа е многу значајно на едноставен начин, чекор по чекор да им објасниме како ќе изгледа еден училиштен ден, соопшти Министерството за образование и наука.
Тоа потсетува дека според протоколите на секое дете ќе му се мери температура при влез во училиштето. Децата ќе треба да држат растојание од најмалку 1,5 метар и за време на целиот престој во училиштето ќе носат маски на лицето освен за време на оброкот и активностите на отворено.
Според протоколот е предвидено и почесто миење на рацете и почесто проветрување на училниците. Заштитата од ширењето на Ковид-19 е заедничка одговорност на родителите, наставниците, учениците и на останатиот персонал, односно на сите нас. Само со придржување на протоколите сите заеднички ќе допринесеме да се заштитиме себе, нашите најблиски и целото јавно здравје, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.