Свет
(Видео) Сноуден проговори за неговиот живот во Русија: Тајно се оженив и не стравувам дека можат да ме убијат на улица
Поранешниот американски разузнавач и свиркач Едвард Сноуден, кој избега во Русија, вели дека благодарение на неговите откритија, тој сега живее во подобар, послободен и побезбеден свет. Во ексклузивното двочасовно интервју во Москва по повод годишнината од објавувањето на неговите мемоари коишто го шокираа светот, Сноуден зборуваше со „Гардијан“ за неговиот нов живот и плановите за иднината.
Тој за прв пат детално објаснува што е тоа што го натерало да открие детали за тајните програми што ги водат американската агенција за национална безбедност (НСА) и британскиот центар за тајни комуникации. Тој вели дека е загрижен поради настојувањето на американската влада, со помош на големите интернет компании, да собираат податоци за сите на земјата, бележејќи податоци за нивните секојдневни животи. Тој, наводно, се помирил со фактот дека ќе го помине остатокот од животот во Русија. Сноуден открива дека тајно се оженил со својата партнерка. Иако повеќе би сакал да биде во САД или Германија, тој вели дека во Русија е опуштен и способен да води повеќе или помалку нормален секојдневен живот.
Според него, тој сега помалку се плаши отколку кога за прв пат пристигнал во 2013 година, кога се чувствувал осамен, изолиран и параноичен поради можноста на улица да биде ликвидиран од агентите на САД кои бараат одмазда.
,,Јас бев личноста која најмоќната земја во светот сакаше да ја отстрани. Не им беше важно дали сум во затвор. Само сакаа да ме отстранат“, рече Сноуден. Како што вели, тој ги оставил марамите, капи и палта коишто порано ги користел за маскирање, затоа што сега слободно се движи низ градот, го користи метрото, посетува уметнички галерии или балет, се дружи со пријателите во кафулиња и ресторани.

Стравувањата дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да го предаде како подарок на Доналд Трамп, исчезнале оној момент кога заладија односите меѓу Москва и Вашингтон.
Сноуден (36) живее во двособен стан во предградието на Москва, заработува главно од предавања и разговори со студенти, активисти за граѓански права и други во странство преку видео повици. Тој доби привремен азил кога првпат пристигна и сега има постојан престој, што може да се обновува на секои три години. Тој сака да патува и иако е ограничен на една земја, посетил градови како што се Санкт Петербург и црноморското одморалиште Сочи.
,,Една од работите што се губи во целата проблематична политика на руската влада е фактот дека ова е една од најубавите земји во светот. Луѓето се љубезни и топли. Кога дојдов, не разбрав ништо од тоа. Бев преплашен од ова место затоа што, се разбира, тие беа голем непријател, а тоа е како агент на ЦИА гледа на Русија”, вели Сноуден.
Тој живее во Русија од 2013 година, откако откри информации за НСА за илјадници тајни документи поврзани со масовно набудување. Тој не може да ја напушти земјата од страв за екстрадиција во САД, кои издадоа налог за негово апсење.
Шест години подоцна, Сноуден е еден од најпознатите бегалци во светот: беше направен документарен филм за него кој освои Оскар, холивудски филм, а за него се напишани повеќе од десет книги. Како резултат на неговите откритија, воведени се нови закони за надзор во САД и Велика Британија, а интернет-компаниите воведоа заштитни мерки како одговор на реакциите во јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Путин вложува напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги продолжува напорите за намалување на тензиите на Блискиот Исток и најави дека рускиот лидер денес ќе одржи меѓународен телефонски разговор. „Претседателот денес треба да има уште еден меѓународен телефонски разговор. Ќе објавиме релевантни информации и повеќе детали малку подоцна“, изјави Песков за новинарите, објави РИА Новости.
Според него, Путин вчера разговарал со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија и во сите разговори, ситуацијата на Блискиот Исток била главна тема, а рускиот претседател ја пренел својата длабока загриженост за нападот врз иранската инфраструктура, што станало централна точка на разговорот.
„Вчера разговаравме со практично сите наши соговорници дека Путин ќе ја пренесе својата длабока загриженост за нападот врз нивната инфраструктура на нашите колеги во Иран, користејќи го дијалогот што го водиме со иранското раководство“, рече Песков.
Тој негираше дека Путин има какви било планови да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. „Не, во моментов нема планови за разговор со Трамп“, рече Песков, нагласувајќи дека Путин нема такви настани на својот распоред.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Песков нагласи дека Русија останува посветена на принципите на меѓународното право и почитувањето на суверените држави, коментирајќи ги заканите на сенаторот Линдзи Греам кон Куба по воените операции на САД против Иран.
Песков рече дека Русија отфрла какво било мешање во внатрешните работи на други земји и смета дека таквите дејствија се некомпатибилни со меѓународното право.
„Искрено, претпочитаме да не зборуваме за ова. Ние сме поддржувачи на меѓународното право. Министерството за надворешни работи е посветено на принципите на почитување на суверените држави и на принципот на немешање во нив како внатрешно прашање. Ова е суштината на нашата позиција и претпочитаме да се придржуваме до неа. Сè друго го сметаме за некомпатибилно со принципите на меѓународното право“, изјави Песков пред новинарите, пренесува Танјуг.
Песков, исто така, рече дека е малку веројатно дека во овој момент ќе се одржи трилатерален состанок во Абу Даби во врска со украинското решение.
„Јасно е дека е малку веројатно дека сега можеме да разговараме за можноста за состанок во Абу Даби токму од очигледни причини. Сè уште не е јасно каде и кога ќе се одржат разговорите. Штом ќе биде јасно, ќе ве информираме“, рече тој.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Свет
Бизнис лидери, менаџери, богати личности плаќаат и до 300.000 евра за евакуација од Блискиот Исток
Супербогатите елитни поединци и високи раководители на глобални компании плаќаат до 290.000 евра за приватни летови и теренски услуги за бегство од Блискиот Исток, поради ескалацијата на конфликтот со Иран.
Приватните безбедносни компании сега резервираат флоти од теренски возила за транспорт на евакуираните од Дубаи до Ријад, а потоа ги пренесуваат со приватни авиони, објави „Дејли Меил“.
Цената на приватен лет од Ријад до Европа достигнува до 350.000 долари, додека Саудиска Арабија стана клучна точка за излез од регионот откако иранските напади ги погодија ОАЕ, Катар, Бахреин и други земји.
Меѓу оние што бегаат се богати личности, бизнис лидери и менаџери на глобални финансиски компании, кои се нашле во опасна ситуација за време на одмори или службени патувања во регионот, според написите.
Ријад стана најважната точка за евакуација бидејќи аеродромот во главниот град на Саудиска Арабија е еден од ретките што сè уште функционира, додека другите аеродроми се затворени поради конфликтот.
Иако Саудиска Арабија не беше директно погодена од нападите за време на последниот бран на ескалација, ситуацијата брзо се менува.
Во вторник, најголемата рафинерија за нафта во светот, Рас Танура, беше погодена од ирански дрон, во она што се смета за значајна ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Нападот го зголемува ризикот за саудиската енергетска инфраструктура, која беше цел на слични напади во минатото.
Нападот врз Рас Танур следеше по нападите од минатиот викенд од ирански ракети и беспилотни летала што ги погодија богатите делови од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Абу Даби, Дубаи, Катар и Бахреин, кои досега се сметаа за безбедни.

