Македонија
(Видео) Тоше Проески по 13 години доби достојно спомен-обележје во Крушево

Премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, присуствуваа на откривање на спомен-обележјето на Тоше Проески и положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште. Посебен момент и големо значење на настанот дадоа и маратонците кои трчаа од Табановце преку Скопје до Крушево за да одадат почит на музичкиот великан Тоше Проески.
„Денеска сме тука за да поклониме пред вечното почивалиште и спомен-обележје на нашиот голем сограѓанин и интернационално прифатен естраден уметник Тоше Проески, како наша должна почит за момчето со големо срце кое беше преполно со љубов, добрина, хуманост, верба, човечност и бескрајна посветеност и верност кон музиката.Му оддадовме достојна почит на нашиот Тоше пред реализираното идејно решение на неговото вечно почивалиште, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше.
Од денеска натаму сите ние, како и сите фанови на Тоше од другите земји, ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува искрената религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика. Тоше на најдобар можен начин успеа да го обедини Балканот. Онака како што треба, успевајќи со својата искрена желба, неповторлива харизма и со своите безвременски песни да ги премости сите навидум непремостиви нешта. Тоа е нашата македонска гордост, кој со својот ангелски глас и непосредност полнеше стадиони, плоштади и сали каде и да се појавеше“, рече Заев.
Според премиерот, огромното влијание и споменот на неговата силна личност и исклучителен талент никогаш не ги оставија без посетители неговото гробно место и спомен-куќата, но од денеска натаму имаме вечно почивалиште и спомен-дом достојни за големината на Тоше. Загубата на Тоше Проески со ништо не може да биде надоместена. Но, затоа е тука вечното сеќавање на благородната душа која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво.
„Беше амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Голем хуманист кој заслужено ја доби наградата ‘Мајка Тереза’, бидувајќи до крај доследен на неговата изјава: ‘блажена е душата што дава’. Тоа е нашиот богољубив Тоше Проески. Зад него останаа да се прераскажуваат убавите приказни за манастирот Свето Преображение во Крушево, за Клиниката за детски болести, за сите негови хуманитарни концерти и животни епизоди полни со човекољубие и милосрдие.
Затоа треба да сме му бескрајно благодарни, да го чуваме неговото дело и да го пренесуваме на идните поколенија, кои гордо ќе го спомнуваат и ќе ги пеат неговите песни. Дури и сега кога светот се соочува со огромни предизвици и искушенија, треба да знаеме дека и ние сме дел од тој свет, па да ги ползуваме стиховите од песната ‘За овој свет’ со која Тоше ни порачува: ‘За овој свет, еден и единствен, треба сè да сториме, само тој го имаме’. И ако светот се соочува со проблеми кои имаат свои импликации и во нашето општество, треба да знаеме дека еден ден тие ќе поминат. Но, она што треба да нè загрижува е сè поголемото отсуство на љубов меѓу луѓето. Во ваква состојба треба да си спомнеме на Тоше и на неговите често изговорени зборови ‘Ве сакам сите’. Треба да ги собереме плодовите од семето на љубовта што го посеа Тоше на оваа македонска почва. Земајќи го урнекот за љубовта од него, ќе можеме да ги победиме и омразата, и поделеноста и злото, наталожени во душите низ годините наназад.
Тоше никогаш ниту физички, ниту духовно не го напушти Крушево, иако ПОради неговата интернационална кариера му беа отворени вратите на сите позначајни музички метрополи. Таа негова присутност е силна и денеска и духот од песните и споменот на Тоше денеска се дел од препознатливата иконографија за Крушево, полно со историски знаменитости и современи атракции кои го направија градот важна и посакувана дестинација во меѓународни рамки. Голема заслуга и благодарност за тоа му припаѓа и на нашиот Тоше Проески, а наша обврска останува и понатаму достојно да му се оддолжиме за неговиот придонес со постојано сеќавање на неговите музички и хуманитарни остварувања. Нека ни е вековит споменот за ангелот македонски“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.