Економија
Внимавајте на платформите што нудат брза заработка и вложувања во крипто, апелираат надлежните во Македонија

Во период на зголемени рекламни активности на социјалните мрежи поврзани со т.н. „платформи за остварување на брза заработка преку интернет“, Управата за финансиско разузнавање како надлежна институција основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам, се придружува на апелите од страна на останатите надлежни органи и ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко-инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации.
Од друга страна, имајќи предвид дека голем дел од граѓаните се стекнаа со крипто-средства преку давателите на услуги поврзани со виртуелни средства во нашата држава (најчесто локални менувачници во државата кои се задолжени да применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам), се повикуваат истите да не ги поттикнуваат и да не им помагаат на граѓаните во вршењето на трансакции, односно депонирање на крипто-средства кон ваквите потенцијално измамнички апликации.
„Ги повикуваме граѓаните да се запознаат со т.н „Измамнички апликации со задачи“ или Тask-scam Apps кои преставуваат вид на измама каде што измамниците ги примамуваат жртвите со ветувања за лесни и брзи заработки преку едноставни задачи, при што со истите се стекнуваат со заработка во форма на крипто-средства. Измамите се состојат во тоа што иницијално жртвите на измамите се контактирани од т.н регрутери или претставник на апликацијата или пријатели, а заработката се обезбедува со мали задачи кои се лесни за завршување и нуди непосредни, мали исплати. За почеток најчесто е потребен иницијален депозит во форма на крипто-средства“, апелираат од Управата.
Апликацијата или платформата функционира одредено време со што има за цел да изгради доверба и да покаже дека можноста за профит е легитимна. Овие апликации немаат реален производ или услуга и преставуваат параван зад т.н пирамидални шеми, односно се финансираат од вложувањето на новите членови. По одредено време организаторите ја згаснуваат платформата, а средствата на лицата коишто ги депонирале во ваквите платформи никогаш нема да имаат можност да ги повратат. Измамата не завршува најчесто тука, туку продолжува во втора фаза односно измама за т.н. „поврат на средства“, каде што организаторите на ваквата платформа уште еднаш ги искористуваат жртвите и ги насочуваат лицата дека преку депонирање на нови средства можат да ги повратат претходно изгубените средства. На тој начин жртвите на измамата се измамуваат по втор пат, а средствата секако нема да им бидат вратени назад.
Организација на обединетите нации (ООН) во своите извештаи поврзани со криминалитетот во пост-Ковид19 периодот, како и останати меѓународни организации укажаа на нов облик на организиран криминал, генерално од азискиот регион кој вклучува трговија со луѓе, каде илјадници лица кои се жртви на облик на насилен криминал се принудени да вршат измами поврзани со инвестирања во виртуелни односно крипто-средства и барање на жртви низ целиот свет .
Како да препознаете потенцијално измамничка платформа за брза заработка на средства ?
1. Не е предмет на сеопфатна регулатива и надзор од надлежна институција во државата или земја од Европската Унија.
2. Не постои т.н инвеститорска програма или анг. (white-paper) за самиот проект во форма на крипто средства одобрен од надлежен орган или тело.
3. Не можат да се најдат податоци за називот на компанијата, лицата од менаџментот односно одговорните лица во правното лице, а понекогаш воопшто не постои регистриран ентитет.
4. Не можат да се пронајдат податоци дека правното лице е лиценцирано за активноста што ја врши, односно покажува фиктивни “сертификати“ за регистрација кај надлежен орган или тело на странска држава.
5. Интензивна маркетинг кампања преку социјалните мрежи и најчесто за иста платформа односно апликација, преку различни акаунти односно профили на социјалните мрежи.
6. Комуникацијата со лицата кои се претставуваат дека се надлежни или администратори/регрутери се одвива исклучиво преку социјалните мрежи како Telegram, Whatsapp, односно слични апликации за комуникација, при што зачленувањето е исклучиво во затворен круг односно преку покана на пријател или лице коешто е член на групата односно администраторот.
7. Апликациите коишто нудат „брза заработка“ не се достапни на „PlayStore“ односно „AppleAppStore“ и истите можете да ги инсталирате на вашиот електронски уред исклучиво со претходна покана на пријател.
8. Не можете да најдете податоци за техничка поддршка за самата платформа, односно не постојат ниту телефонски броеви ниту електронско сандаче за контакт.
9. Средствата коишто ги депонирате не можете да ги располагате слободно, односно истите не можете да ги повлечете тогаш кога сакате или доколку постојат такви можнoсти истото се врши за одредена провизија, која понекогаш може да биде поголема од самата „инвестиција“.
10. Платформата интензивно се рекламира дека соработува со реномирани компании со цел да прикаже дека поседува легитимитет.
11. Заработката од платформата е поврзана со извршување на одредени задачи, внесување на нови членови како и инвестирање со цел напредување во хиерархијата на апликацијата која овозможува дополнителна заработка.
Дополнително, Управата за финансиско разузнавање ги повикува менувачниците за крипто-средства во целост да го почитуваат Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, односно да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на терроизам кои вклучуваат изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и нејзино редовно ажурирање, воведување и примена на програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам, анализа на клиентите односно идентификација на секоја трансакција независно од износот, известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата, чување, заштита и водење евиденција на податоци, именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Граѓаните коишто се жртви на ваквите измами, истите да ги пријават до надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.