Топ
Двојно убиство во Прилеп – маж ги застрелал поранешната сопруга и мајка ѝ
Мајка и ќерка биле пронајдени мртви утрово во куќа во Прилеп. На нивните тела имало прострелни рани, а во нив пукал поранешниот сопругот на ќерката. Повредено е уште едно лице, кој бил брат односно син на убиените.
Според информациите на обвинителсвото, убиството се случило во куќа на улица Александар Македонски во Прилеп, а телата на А.П. родена 1979 година и нејзината мајка Т.К. родена 1956 година биле пронајдени во 8 часот. Во нив пукал сега осомничениот, 50-годишниот поранешен сопруг и зет на починатите.
Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на убиените, кое било во просторијата. Во обидот да биде совладан, повреден бил и осомничениот. И двајцата се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош.
„Во насока на расчистување на кривично правниот настан , по наредба на јавниот обвинител подигнати се и обезбедени траги од лице место. Издадена е наредба за обдукција над починатите. Обезбедените траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде и наредба за претрес во домот на осомничениот прилепчанец кој, според сознанијата на обвинителството, поради претходно нарушени брачни односи не живеел во заедница со неговата сега почината сопруга“, соопштија од обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре
За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати владиниот авион. Од Израел ќе бидат пренесени на локација до која е безбедно да стигнат по копнен пат од каде што ќе ги преземе владиниот авион.
„За Македонците кои се во Израел веќе договараме евакуација. Се разгледуваат алтернативни патни правци кои се безбедни за да можат да бидат извлечени, а од таму да ги преземеме со владиниот авион. Првите патници очекуваме да стигнат дома уште утре“, изјавија од МНР за „Макфакс“.
Во владиониот авион има место за седуммина патници, но за да можат да си дојдат дома сите заинтересирани, се разгледуваат можности за комерцијални летови од безбедните околни точки.
Евакуација од Израел досега побарале 19 патници кои се дел од вкупно 473 македонски државјани кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а вrаќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна прилика.
Денес во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет, а аеродромот извести дека ќе го продолжи воздушниот сообраќај со реализација на ограничен број летови. Приоритет ќе им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.
Македонија
Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки
Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.
Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.

