Македонија
Димишков: Сакаа да ме искористат како адвокат за мојата сестра судијка да биде изземена од предметот
Судењето за „Рекет“ продолжува со сослушување на сведоците на Бојан Јовановски – Боки 13.
Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, е првиот сведок на одбраната. Инаку, Димишкова е судијката што му одреди притвор на бизнисменот Орце Камчев за случајот „Империја“ и му го продолжи.
Нејзиниот брат пред судот рече дека во неколку наврати Зоран Милески – Кичеец и сопругата на Камчев, Ана Камчева, се обидувале да го вклучат во тимот адвокати.
„По одредувањето притвор на Камчев, наредните денови се јавуваа мои роднини пријатели, ме викаа на кафе, ми кажуваа дека се пријатели со Камчев и прашуваа што може да се помогне. Јас викав дека не можам ништо да помогнам. Меѓу нив беше и Зоран Милески, кому, иако му имав кажано дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистира на повторни средби, бараше да бидам ангажиран како бранител… И во една пригода тој направи средба и со Ана Камчева“, рече тој.
Кога се сретнале, според Димишков, Камчева му рекла дека има стратегија да го зголемат тимот бранители и дека планираат да го вклучат во тимот.
„Реков ќе направам пресметка, анализирав и проценив, односно им го проѕрев нивните намери, односно сметам дека тие сакаат да ме искористат и ангажираат за бранител бидејќи судијката, моја сестра, која постапуваше по претходна постапка, тогаш по сила на законот ќе биде изземена од предметот. Проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот“, рече тој.
Кога се јавил Милески, рече Димишков, тој кажал сума, која знаел дека за нив нема да е прифатлива. Оттогаш никој не го побарал. Димишков рече дека се познава со Бојан Јовановски, односно бил ангажиран за правните работи во Меѓународниот сојуз, а потоа, со отворањето на „1ТВ“, бил ангажиран за разни предмети, блокади на сметки, извршувања итн..
Одбраната на Бојан Јовановски и Катица Јанева за наредниов период предлага дузина сведоци, меѓу кои и ексградоначалникот на Центар и газдата на „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, и сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

