Македонија
Интегра го тужи Мицкоски, од него бара 100 илјади евра за клевета
Партијата Интегра поднесе тужба против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку која бара 100.000 евра поради изнесени клевети и лаги за време на прес-конференција. Според Интегра, Мицкоски со неговото излагање му ги нарушил угледот, авторитетот и честа на нивниот лидер Љупчо Ристовски.
„Пораката е дека на јавна политичка сцена, секој, особено лидери на партии да престанат да сеат лаги и клевети и на тој начин да го разоруваат македонското национално ткиво. Длабоко вгнездените удбашки структури во ДП*НЕ веќе 30 години зад завеса ја раководат оваа политичка партија, која забрзано го губи приматот врз македонскиот национален стратегиски интерес. Интегра, со божја помош, во налет го презема приматот, сигурно и неповратно“, објави партијата.
Доколку ја добијат судската постапка и оштетата од 100.000 евра, парите ќе бидат наменети за поддршка на здруженија за деца со пречки во развојот. Претходно, Ристовски изјави дека тужбата против Мицкоски е бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за време на прес-конференција рекол: „Имаме сериозни информации и докази дека финансиски мотивирани од други политички партии, а луѓето што се тука со мене исто така тие индиции ги потврдуваат со сопствено сомневање, дека постојат сериозни финансиски мотиви со цел да направат штета во опозицијата и да се поделат гласовите“.
Претходно, претседателот на Интегра побара Мицкоски да му се извини нему и на партијата во рок од 24 часа, во спротивно ја најави тужбата што денеска ја поднесе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

