Македонија
Македонија во жолта фаза – поларен студ со температури до минус 18 степени

Македонија денеска ќе биде зафатена од поларен студ од жолта фаза со ниски температури, кои ќе се спушат до минус 18 степени. Според Управата за хидрометеоролошки рабoти, времето ќе биде претежно ведро и студено, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -18 до -7, а максималната ќе достигне од -3 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степенa.
До сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла. В сабота преку денот и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските и снег во повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.
Министерството за здравство препорача граѓаните да носат повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почесто пиење топли напивки. Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството препорачува и избегнување алкохол бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на тешкотии со дишењето се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.