Македонија
Милошоски: Со кратењето на роковите за подготовка за парламентарната дебата власта покажува непочитување кон пратениците
 
																								
												
												
											Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, реагира во однос на роковите за подготовка што им се дадени на пратениците за расправата по обемниот материјал за програмата и составот на новата влада. Тој смета дека со кратењето на роковите за подготовка и здрава парламентарна дебата власта покажува непочитување кон пратениците.
„Во врска со закажаната седница за избор на влада, добро е да се знае, како било претходно, а како е сега, во однос на деновите што им се дадени на пратениците и на медиумите за да се подготват за расправа и критика на обемниот материјал за програмата и составот на новата влада. Според бројот на деновите дадени за припрема во врска со материјалите за составот и програмата на владата се мери и почитта на власта кон јавноста и пратениците.
Претходно:
2006 година – на 14 август е доставен предлог за нова влада, а седницата се одржа на 25 август, со што пратениците и јавноста имаа 11 дена да го разгледаат материјалот и да се подготват за дебата за составот и програмата на владата.
2008 година – на 12 јули е доставен предлог, а седницата се закажа на 26 јули, со што од денот на доставување на предлогот до седницата пратениците и медиумите имаа 14 дена за да се подготват за дебата за новата влада и нејзината програма.
2011 година – на 15 јули е доставен предлог, а седницата за избор на владата се одржа на 27 јули; пратениците имаа 12 дена да ги прочитаат и предлог-програмата и биографиите на членовите на новата влада и добро подготвени да дебатираат за изборот на владата, а тоа е и во интерес на јавноста.
2014 година – на 7 јуни е доставен предлог, а седницата се одржа на 19 јуни, со што пратениците и медиумите имаа 12 дена за да се подготват за дебата за составот и програмата на владата.
Еве каков е односот на сегашнава власт кон јавноста и пратениците:
2017 година – на 28 мај е доставен предлог, а седницата се закажа и одржа на 30 мај, пратениците имаа 2 дена за да се подготват за дебата за состав и програма на влада.
2020 година – на 26 август е доставен предлог, а седницата е закажана за 29 август од денот на доставување на предлогот и пратениците имаат 3 дена да го разгледаат обемниот материјал и да се подготват за дебата по составот и програмата на владата, од кои еден е неработен ден како значаен верски празник, соопшти Милошоски.
Според него, ваквото кратење на роковите потребни за добра подготовка и здрава парламентарна дебата само покажува колку власта ги почитува Собранието, функцијата пратеник, медиумите и пошироката јавност.
„А ако речат дека причината е брзањето заради ефикасни институции, манипулираат, бидејќи доколку навистина им се брзаше, едниот немаше да оди на летен одмор по изборите, а другиот немаше да ја прекине собраниска седница поради мекици. Со ваквото непочитување на власта кон пратениците, за жал, нема да се создаде стабилна политичка атмосфера во работата на Собранието“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Им посакуваме на Филипче и СДС уште многу вакви успеси на избори
 
														Филипче направил одличен резултат на овие избори. И бидејќи е добар резултат го повикуваме да го повтори истиот. И сè додека Заев наредува а Филипче исполнува, СДС е на добар пат да ја повторува оваа состојба. Му честитаме. Не можеше подобро, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И на крај: им посакуваме уште многу вакви успеси кои се за нив очигледно одлични, но за Македонија за жал се тешко потсетување на реалноста која СДС ја носи со себе“, се наведува во реакцијата на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Волонтери од „За почиста Македонија“ утре ќе го чистат Расадник
 
														Утре, 1 ноември, со почеток во 11:00 часот, „За Почиста Македонија“ организира еко-акција во Расадник, Кисела Вода, со цел расчистување на едно од најголемите, но и најзапоставени зеленила во Скопје.
„Локацијата долги години е оставена без грижа и е преплавена со отпад. Со оваа акција, волонтерите на „За Почиста Македонија“ ќе покажат дека кога институциите не реагираат, постојат свесни и одговорни граѓани кои можат да ја преземат иницијативата во свои раце. Преку тимска работа, позитивна енергија и љубов кон природата, ќе се придонесе кон разубавување на просторот и враќање на неговиот природен сјај“, се вели во најавата на еколошкото друштво.
Акцијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да помогнат во создавање на почиста и поздрава средина. Организаторите ќе обезбедат целосна опрема за чистење и логистичка поддршка.
Организаторите велат дека она што ги прави овие акции препознатливи е позитивната атмосфера, исполнета со дружба, музика и нови пријателства. По завршувањето на активностите, учесниците традиционално остануваат на неформално дружење со друштвени игри и неформално дружење во исчистениот простор.
Во изминатите години, „За Почиста Македонија“ има реализирано бројни акции низ целата земја, преку кои се испраќа порака дека секој поединец може да направи вистинска промена.
Македонија
Скопјанец ја малтретирал поранешната девојка – ја влечел пред болница и ѝ се заканувал дека ќе го убие брат ѝ
 
														Скопското Обвинителство поведе постапка против 33-годишен скопјанец осомничен за продолжено загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, мажот речиси цел месец, од 5 до 30 октомври, ја прогонувал и ѝ се заканувал на поранешната партнерка, упатувајќи сериозни закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Тој испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и закани, а насилството се засилило откако жената го напуштила неговиот дом поради постојан психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот се појавил таму, почнал агресивно да се однесува, да ја тегне за рака и да ја присилува да тргне со него, при што ѝ се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Од страв и чувство на загрозеност, жената побарала помош.
Поради сериозноста на заканите и повторувањето на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											