Топ
Мицкоски: Граѓаните да не наседнуваат на провокации, ова е дел од фолклорот за сеење етничка и верска нетрпеливост

Јас цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта, бидејќи тоа е картата на којашто овие криминалци коишто изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност и така натаму и ова се такви изолирани инциденти коишто ќе следат, рече премиерот Христијан Мицкоски откако вчера во тензична атмосфера пред општината во Врапчиште беа приведени две лица кои инсистираа на средба со градоначалникот од ДУИ поради забраната да вршат активности за реновирање на црквата Света Петка во Галате.
„Вие ја слушнавте изјавата и на Владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате коишто исто така се оградуваат од ваквите инциденти. Но, она што е интересно е што на социјалните медиуми на едно од лицата, излегоа некои слики коишто го гледаат во друштво на политички активни ликови, ако се земе предвид и политичката провениенција и поддршката на градоначалникот во Општина Врапчиште, но и се уште полициската структура којашто е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор којшто се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, вели Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар во однос настаните во црквата во селото Галате.
Тој додаде дека инциденти од овој тип ќе има во периодот којшто следи.
„И ваков тип на инциденти ќе има и во периодот кој што следи. Зошто? Затоа што не можеме, како Влада, имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на Министерството за внатрешни работи, да се случат промените во раководните структури, бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција, вие знаете седум години кои беа кај нас во Влада во Македонија, така што ќе мора за следните два-три месеца да се случи измена на тој Закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата. Инаку во периодот немојте да имате дилема дека овие корумпирани политички елити од минатото, ќе се обидат преку своите центри се уште на влијание во секакви институции да создаваат етнички конфликти и тензии, но ние ја контролираме ситуацијата“, рече тој и додаде дека брзо се реагира и нема поддршка од страна на жителите.
„Брзо се реши и оваа ситуација, гледате, не наидува на поддршка кај населението, самите жители на село Галате, би рекол го отфрлија сето ова, самиот Владика на Гостиварско-полошката епархија го отфрли сето ова, така што јас апелирам, сега во моменти кога тргна да расте индустриското производство, преработувачката индустрија, кога се намали инфлацијата, кога се прават реформи, кога се носат навистина добри мерки и странски инвестиции, конечно забележуваме раст во вториот квартал, да не дозволиме вакви корумпирани сеништа од минатото да нѐ влечат назад. Мора да одиме напред и мора да се бориме да одиме напред“, дециден е Мицкоски.
Жителите на Галате викендов почнаа со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните инситираа на прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Драма во Шуто Оризари – насилници со палки, боксови и со клоци претепале вработен во „Водовод“

Тројца насилници со железни и дрвени палки, клоци и боксови претепале вработен во „Водовод“ пред пунктот на претпријатието во Шуто Оризари. Жртвата со тешки повреди и скршеници е пренесен во болница. Едниот насилник е уапсен, останатите двајца се во бегство.
Обвинителството отвори истрага против лицата.
„На 2 јуни, пред пункт на „Водовод“ во населбата Шуто Оризари, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз еден оштетен вработен во пунктот. Додека тој го паркирал возилото пред влезната врата на објектот, тројцата осомничени го нападнале од зад грб, видно агресивни без посебен повод или причина. Започнале да го удираат со дрвени и железни палки, клоци и боксови по главата и по телото, нанесувајќи и на жртвата тешки телесни повреди – фрактури на повеќе коски. Со насилството била предизвикана вознемиреност и страв и кај други лица – сведоци на настанот“, соопшти Обвинителството.
До овој момент, уапсен е еден од осомничените, 29-годишник за кого јавниот обвинител денеска поднесе предлог за определување мерка притвор до Судот, поради можноста да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците и врз оштетениот.
Останатите двајца осомничени се идентификувани, станува збор две лица од Сингелиќ на возраст од 38 и 40 години, но се во бегство од моментот на извршување на делото, па јавниот обвинител издава насоки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште за едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејство што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за со искористување на своето реално влијание да интервенира да се изврши службеното дејство што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање дел од договорената сума, во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на самото место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор кон двајцата обвинети.
Македонија
Владата размислува да ги даночи немажените и неженетите, рече Мицкоски

Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски говорејќи дека е време за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.
Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.
Факти што, според Мицкоски, не смее да се игнорираат:
– Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
– Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;
– Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;
– Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;
– Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот“
Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.
„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини, каде што се простуваат мајки и синови“.
Се размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети
Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.
„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и за неженети“, додаде тој.
Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но, исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди“.
„Време е за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“
„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“.
На крајот го цитира филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме“.