Македонија
Пендаровски прогласи нова вонредна состојба

Претседателот Стево Пендаровски доцна синоќа донесе нова одлука за утврдување на постоење вонредна состојба на територијата на целата држава, во времетраење од осум дена.
Од кабинетот појаснуваат дека вонредната состојба ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите.
Исто така, од таму велат дека одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни.
Политичките партии вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, среда.
„Во таа насока, одлуката за прогласување вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на коронавирусот прогласена од Светската здравствена организација. Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули“, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Од таму велат дека по постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.
„Во таа смисла, претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје. Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евро-атлантската перспектива на земјата“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши на светскиот ден за подигање на свеста за аутизам: Секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет

На Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот – 2 Април, претседателот на Собранието Африм Гаши пречека во својот кабинет група деца, родители, наставници и претставници на различни здруженија, на кои им упати порака дека вакви средби се од непроценливо значење во градењето на општество со еднакви можности за сите.
Вакви средби, рече Гаши, поттикнуваат на слушање и на учење, а пред се ја истакнуваат важноста на прифаќањето и почитувањето на различностите.
„Секое дете кое беше меѓу нас денес ни покажа дека секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет, свои бои, бесконечен потенцијал и душа која заслужува шанса да лета. Овој настан, покрај незаборавниот момент, е и можност за изградба на почувствително и обединето општество за оние кои нè потсетуваат дека убавината на животот лежи во богатството на нашите различности“, истакна Гаши.
Гаши со внимание ги слушаше грижите и предизвиците на родителите и наставниците, ветувајќи дека, во рамки на своите можности, ќе преземе се што е потребно за подобрување за подигнување на стандардите за живот стандард на лицата со аутизам.
Тој нагласи дека Собранието, со ангажираност и почит, останува отворено за слушање и подобро разбирање на потребите и потенцијалот на лицата со аутизам.
Македонија
Тројца пациенти денеска се враќаат од Шведска и Грција

Министерството за здравство информира дека тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден пациент во Шведска. Согласно протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор.
Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и Полска по еден пациент.
Во Скопје, на Клиниката за токсикологија вчера беше хоспитализиран пациент по враќање од Полска, истиот денеска се пушта на домашно лекување.
На Клиниката за пластична хирургија остануваат двајца пациенти, а во Хируршката клиника Св.Наум Охридски 6 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември се хоспитализирани 5 пациенти, од кои еден е планирано да биде пуштен на домашно лекување, на Клиниката за пулмологија двајца пациенти, а во приватната болница Систина се хоспитализирани тројца пациенти.
Министерството за здравство внимателно ја следи состојбата на повредените пациенти и останува во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветено на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани, велат од ова министерство.
Македонија
Општина Центар почна со редовна пролетна дератизација

Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на целата територија. Во текот на следните две недели ќе бидат опфатени над две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари и инсекти, како и превенција од можни заразни болести.
Дератизацијата се спроведува два пати годишно, во пролет и есен, и претставува една од клучните мерки што Општината ги презема за заштита на здравјето на населението.
Општина Центар информира дека препаратот што се користи за дератизацијата е селективен, сертифициран од овластен производител и е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари. Препаратот е одобрен од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и не претставува ризик за другите животински видови.