Топ
Предвремени парламентарни избори во Шпанија што може да ја вратат екстремната десница на власт

Шпанците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори, на кои одлучуваат дали ќе дадат нова шанса да владеат со социјалистите, на чело со актуелниот премиер Педро Санчез, или ќе и дадат доверба на десницата, на чело со Алберто Нуњез Фејхо, пренесоа светските агенции.
Анкетите на јавното мислење од минатиот понеделник предвбидуваат речиси сигурна победа на десничарската Народна партија на Фејхо. Но, последните анкети беа објавени, како што налага законот, пет дена пред гласањето, што ги прави анкетарите претпазливи. Не се знае за кого во последен момент ќе одлучат да гласаат оние Шпанци кои на почетокот на минатата недела рекоа дека се уште се неопределени, секој петти гласач.
Два и пол милиони граѓани со право на глас веќе гласаа по пошта. Право на глас имаат вкупно 37,5 милиони Шпанци.
Целта на Фејхо на овие избори е освојување 176 места во Долниот дом на парламентот, со што би добил апсолутно мнозинство. Но, анкетите покажуваат дека за таа цел тој мора да побара поддршка од друга политичка сила. А најверојатно тоа ќе биде партијата на екстремната десница Вокс, што се појави пред 10 години како резултат на расколот во редовите на Народната партија.
Народната партија и Вокс веќе склучија договор за владеење во неколку места во земјата, по локалните избори на 28 мај. Но, ова ја става Народната партија во непријатна позиција, бидејќи Вокс не крие кои се нејзините приоритети, имено негирање на климатските промени, отфрлање на поимот родово засновано насилство, отфрлање на се што е трансродово, тврда линија за имиграцијата.
Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, исто така, веќе го предупреди Фејхо дека цената на поддршката на неговата партија за Народната партија во парламентот ќе биде учество во идната влада. И ова ќе го означи враќањето на екстремната десница на власт во Шпанија речиси половина век по крајот на франкоистичката диктатура.
Истовремено, поранешниот премиер Педро Санчез и неговите социјалисти се обидоа да го направат стравот од доаѓањето на Вокс на власт главен аргумент на нивната изборна кампања.
Единствената алтернатива на можната влада на Народната партија и Вокс е зачувувањето на моќта на сегашната левичарска коалиција формирана во 2020 година меѓу социјалистите и радикалната левица, која, сепак, повеќе не е отелотворена од Подемос. Таа партија беше апсорбирана и заменета оваа година со коалицијата Сумар, предводена од поранешната министерка за труд Јоланда Дијаз, која е комунистка и позната како многу прагматична.
Сепак, според социолозите, мали се шансите социјалистите, поддржани од другите леви партии, да останат на власт.
Ако се работи за парламент без апсолутно мнозинство, за неколку месеци може да има нови избори, што би претставувало голем ризик за државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Ловечката Федерација на Македонија се вклучува во потрагата по Вања Ѓорчевска

Ловечката Федерација на Македонија преку социјалните мрежи ги повика сите ловци да се вклучат во потрагата по Вања Ѓорчевска.
Тие апелираа за секоја информација да се извести Министерството за внатрешни работи.
МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска откога вчера, во 8.35 часот утрото, мајка ѝ пријавила дека е исчезната.
Министерството за внатрешни работи со фотографија и опис ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Македонија.
Македонија
По 3.000 денари за пензионерите со пензии до 14.000 денари, 1.200 за основци, 1.800 за средношколци, Ковачевски ги објави мерките

Основците, средношколците, студентите и пензионерите се првите категории опфатени со новиот пакет-мерки за кои е предвидена неколкумесечна парична помош. Мерките, за кои се издвоени 156 милиони евра од буџетот, попладнево ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
„Во наредните пет месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по три илјади денари месечно. Оние со пензија од 14 до 16 илјади денари ќе добиваат две илјади денари месечно, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187 илјади пензионери“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
Во новиот, деветти по ред пакет владини мерки за помош, предвидени се мерки за зголемување на училишниот стандард за основците и средношколците од ранливи категории, семејства со ниски примања до 50 илјади денари.
„Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно за што од буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра. 15 илјади студенти, кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери од 600 до 1.200 денари за што се предвидени 2 милиона евра“, рече премиерот Ковачевски.
Во наредните пет месеци по 1.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок поради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓанин со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиона евра.
Македонија
Балтичките земји ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради Русија

По Украина, и Естонија, и Летонија, и Литванија најавија дека нема да допатуваат на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје доколку му се дозволи на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да присуствува.
Чекорот доаѓа откако Русија и Белорусија ја спречија кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, наместо тоа, предлагајќи ја Малта како компромисен кандидат, пишува „Еуроактив“.
Москва претходно бараше ниту една земја од НАТО да не може да ја преземе улогата, велат дипломатите.
„Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“, рече министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна.
„Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина напаѓа невини Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Местото на Лавров е во специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, додаде тој.
Според тројцата министри, клучно е веднаш да се стави крај на агресијата, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се компензира за уништувањето и да се повика на одговорност.
„ОБСЕ првично беше дизајниран да ја изгради европската безбедност, да спречи конфликти и да го зачува мирот. А Русија со своите незаконски и ѕверски дејства постојано докажува дека не е безбедносен партнер на Европа. Всушност, денес, на Европа ѝ е потребна безбедност од и против Русија наместо заедно со неа“, изјавија тројцата министри.
Претходно денес, руската амбасада во Бугарија соопшти дека бугарските власти дозволиле авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да прелета во бугарскиот воздушен простор за да пристигне на самитот на ОБСЕ во Скопје.