Македонија
Со интонирање на албанската химна, на денот на независноста на Косово, опозициските партии од албанскиот блок потпишаа Декларација за обединување

Декларација за обединување на изборите потпишаа денес Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, Демократско движење на Изет Меџити, Движењето БЕСА на Биљал Касами и Алтернатива на Африм Гаши. Декларацијата ја потпиша и Беким Ќоку, поранешен пратеник во македонското Собрание и член на Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.
Kоалицијатата која ќе му се спротивстави на ДУИ е наречена „Вредност“.
Декларацијата е потишана денес, на денот кога Косово одбележува 16 години од независноста – датум што го спомена и Меџити. Косово се празнуваше и низ песна за време на настанот, додека на почетокот интонирана беше албанската химна, а на свеченоста изостануваа македонски симболи.
„Денес со потпишувањето на оваа декларација, на овој ден кога ја одбележуваме и независноста на Косово, поставуваме темели на нова ера кај албанските партии. Дојдено е времето за голема политичка промена во земјата“, порача Меџити.
Таравари кој ќе биде претседателски кандидар на опозициските партии од албанскиот политички блок, пак, рече дека со декларацијата се официјализира соработката помеѓу албанските опозициски партии првпат после 2011 година.
„Многу сум среќен што потпишавме Декларација за соработка и се надевам на 8 мај ќе се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок“, рече Таравари.
Касами изјави дека вклучувањето на АА во коалицијата ја покажува одлучноста, револуционерниот дух и волјата за промена на албанскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.