Македонија
Учебникот по географија, кој ги навреди Албанците, повлечен од употреба

Министерството за образование и наука информира дека е повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование по реакциите дека има содржини што се навредливи за Албанците.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, го потпиша решението на Комисијата, со што спорниот учебник се повлекува од настава.
„Комисијата констатира дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти што не одговараат во согласност со дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основното и средното образование“, соопшти МОН.
Учебникот е одобрен од 2002 година.
Минатиот месец имаше протест пред МОН на партиската младина на Алијансата за Албанците и Алтернативата, кои ги скинаа и ги запалија спорните страници од учебникот по географија. Тие побараа негово повлекување наведувајќи дека во учебникот има пасуси што се навредливи за Албанците
Во писмото што Алијансата за Албанците го испрати до МОН се наведува дека елементите во книгата, освен што се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците во Република Македонија, се и ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза кон Албанците. Од Алијансата за Албанците посочија и неколку цитати од учебници што, според нив, се навредливи за Албанците во Македонија:
• На страница 99 е наведено дека „меѓу Албанците во Македонија има родови што себе се сметаат за староседелци, главно тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив понекаде има и некој род што потекнува од некогашните Турци или Черкези“.
• На страница 99 Албанците се претставени како опасност за државата, каде што е наведено дека „населувањето со нови Албанци во Република Македонија не е завршен процес и тој се одвива и денес – почетокот на XXI век. Ваквото, на моменти неконтролирано, населување може на разни начини да им наштети на сите во Република Македонија“.
• На страница 104 е наведено дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, планирано, со помош на турската власт или локалните аги и бегови, кои го дозволуваа доселувањето на албанско-муслиманското население. А ова ни го кажуваат многубројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање – тепање, опожарување и слично“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.