Македонија
Филипче: Нов тендер за реагенси кога ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач
Министерството за здравство ќе распише нов тендер за набавка на реагенси, кој исто како и првиот, ќе биде во вредност од 36 милиони евра, но дури кога ќе се утврди зошто на сегашниот тендер се јавил само еден понудувач. Министерот за здравство, Венко Филиче, утрово ја прекина тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи, што изминативе неколку денови доведе и до барање за негова оставка од неколку политички партии поради сомнежот за наместена постапка.
„Во текот на евалуацијата утврдивме дека има недостиг во документацијата од понудувачот. Секако, тука е и сомнежот што се јави само една фирма заедно со пропустот во документацијата. Оваа тендерска постапка ја прекинавме и ќе подготвиме нов тендер кога ќе утврдиме што е тоа што нè донесе до еден понудувач. И новиот тендер ќе биде во насока на централизација“, изјави министерот Филипче за „Макфакс“.
Тој очекува за период од три години со централизираната набавка да се заштедат од 8 до 9 милиони евра во споредба со парите што досега се трошеле за таа намена. Токму заштедата, смета Филипче, го оправдува централизирањето на набавката.
„Со централизирањето најмногу ќе се заштеди на најскапите анализи. Тие не треба да се прават насекаде оти има лаборатории што прават една-два анализи месечно, а отвораат шише реагенс, количина со која може да се направат 20 анализи. Остатокот од реагенсот се фрла. Ние овој модел го правевме заедно со биохемичари со големо искуство, кои укажаа на недостатоците на сегашниот систем“, рече министерот Филипче.
Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач е фирмата „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути. Единствен контакт со компанијата, наведен во Централен регистар, е [email protected]. Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ и нагласи дека на истата адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

