Македонија
Финансиска полиција го стега обрачот околу нови даночни затајувачи, криеле данок и по 20 години
Даночни затајувачи, меѓу кои и такви кои криеле данок и по 20 години преку фиктивни фирми се под интензивна анализа на инспекторите од Управата за финансиска полиција, која подготвува кривични пријави за овие дела, дознава „Макфакс“. Според наши извори, опфатени се повеќе затајувачи кои државата на овој начин ја оштетиле со многу сериозни суми. Како што дознаваме, обрачот околу сторителите се стеснува, а нивниот многугодишен криминал не можел да биде реализиран без помош на институциите.
Како што недамна објави „Макфакс“ ,Управата за финансиска полиција за периодот од август минатата година до почетокот на ноември годинава има поднесено вкупно 57 кривични пријави против 128 лица за сторени 77 кривични дела, а според увидот во податоците најмногу сторени кривични дела по кривичниот законик за финансиски криминал има токму за „даночно затајување“, и тоа 23, а исто толку за „фалсификување или уништување на деловни книги“.
Со оглед на тоа што во изминатиов период анализите на дел од економистите посочуваат дека воведувањето на прогресивниот данок ќе ја зголеми даночната евазија, Управата за финансиска полиција мора да го зголеми надзорот на и така големиот број финасиски криминал што е детектиран кај овој вид кривично дело.
Колку за споредба, за „злоупотреба на службената положба и овластување“ во изминатава година се поднесени 5 кривични пријави, 2 се однесуваат на „фалсификување исправа“, исто толку за „измама“ и за ,,употреба на исправа со невистинита содржина“.
По една кривична пријава има за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, „бесправно градење“, „поднесување лажни докази“, „помагање на сторител по извршено кривично дело“, „затајување“, „измама на штета на Европската заедница“ и едно по „закон за ДДВ“.
Од овие предмети до Основното јавно обвинителство за истиот период завршиле 32 кривични пријави и за сите се оформен предмет. Од овие, за 3 предмети се води истражна постапка, а за 25 се води предистражна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

