Македонија
Четири милиони евра од судски пресуди, казни и банкарски гаранции во буџетот на Општина Центар
Општина Центар и покрај минатогодишната состојба со пандемијата на Ковид-19, успеа врз основ на судски пресуди и активирани банкарски гаранции во буџетот да инкасира вкупно 223.973.602, 00 денари, односно речиси 4.000.000 евра, соопшти општината.
„Одделението за нормативни и правни работи при Секторот за правни и организациони работи на Општина Центар тековно ги реализираше судските постапки и спорови кои општината ги има со институциите, правните и физичките лица.По основ на активирани банкарски гаранции и договорни казни од вкупно 6 постапки, изминатата година Општина Центар во буџетот инкасирала 65.125.816, 00 денари, а во буџетот се слеале 25.389.383 денари.Најголемиот дел од средствата се наплатени на име на договорна казна со правно лице од Скопје, поради незавршување на градба на објект во предвидениот рок кој бил наведен во добиеното одобрение за градба“, се вели во соопштението.
Активирана се и банкарски гаранции од правно лице од Скопје во стечај, каде општината за непочитување на склучени договори и непреземање на договорни обврски, наплатила износ од 1.240.000, 00 денари.Од 10 судски предмети Општина Центар во 2020-та успеа да внесе во својот буџет дополнителни 133.458.403, 00 денари. Овие средства општината ги наплатува по основ на долгови од повеќе јавни институции, правни и физички лица. Општината има и неколку отворени постапки каде средствата не се сѐ уште извршени, а поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против едно лице за постапување спротивно на членот 389 од Кривичниот законик, за незаконско симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено службено лице за осигурување на предмет или просторија.
„Средствата собрани од долговите и наплатените договорни казни Општина Центар ги реинвестира и истите се користат за тековно функционирање на општината и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Од овие средства општината ги сервисира редовните финансиски обврски, но и ги реконструира улиците под нејзина надлежност, реконструира градинки и основни училишта, гради игралишта, паркови и зелени површини и други работи неопходни за жителите на Општина Центар“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

