Топ
Џудо-федерацијата лани му ја одзела лиценцата на тренерот осомничен за полови злоупотреби на ученички

Четириесет и шестгодишниот тренер по џудо од Прилеп, кој се сомничи за полови злоупотреби на малолетнички што му биле ученички, бил на дисциплинска постапка од Македонската џудо-федерација за злоупотреба на официјални документи.
„Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за малтретирање малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот. Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација целосно сме им на располагање на истражните органи.
Посочениот тренер одамна не е член на Федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската џудо-федерација, како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо-федерацијата на Македонија за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт“, информираат од Федерацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шест лица завршија во болница по труење со храна на семинар во Куманово, развиле температура до 41 степен, повраќање и дијареа

Шест лица завршија со симптоми на труење по семинар одржан на 11 септември во ресторан во Куманово, соопшти Центарот за јавно здравје – Куманово.
Од вкупно 36 учесници на обуката организирана од фирма, некои од нив почувствувале повраќање, дијареја, висока температура и до 41 степен, како и стомачни болки, по што двајца биле хоспитализирани, тројца примиле терапија во дневна болница, а едно лице се лекува во домашни услови.
По пријавите, извршен е инспекциски надзор, земени се мостри храна и брисеви за анализа. Одлучено е објектот да остане затворен сè до добивање негативни резултати.
Од ЦЈЗ порачуваат дека состојбата внимателно се следи и дека се преземени сите противепидемиски мерки.
Македонија
(Видео) Либералите бараат воведување електронска белезица за насилниците: „Трагедијата на Росица да биде последна“

Либерално-демократската партија предлага воведување електронска белезица за насилниците по двојното убиство во Велес кога Илија, поранешниот партнер на Росица, ги уби и неа и татко ѝ.
„Нашето главно прашање е: дали вие, пратеници и пратенички, сте свесни дека со тоа што на 1 април не се издигнавте над партиските интереси и не дадовте поддршка на измените на Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство му овозможивте на Илија ладнокрвно да ги убие Росица и татко ѝ“, изјави Цветанка Геговска од Извршниот одбор на ЛДП.
Таа потсети дека, доколку измените предложени од нивната пратеничка и претседателка Моника Зајкова беа веќе усвоени, сторителот ќе носеше електронска белезица и денес Росица и татко ѝ ќе беа живи.
Електронската белезица, како што објаснува Геговска, ја предупредува жртвата кога насилникот ќе се приближи на оддалеченост помала од 100 метри.
„Со оваа мерка ќе се зголеми степенот на заштита на жртвата и ќе се намали можноста за повторно изложување на насилство. Нека трагедијата на Росица и на татко ѝ биде последна“, порача таа.
Геговска ги потсети пратениците дека граѓаните ги избраа да носат одлуки со кои ќе го подобрат секојдневието и апелира, без разлика на политичката, етничката или верската припадност, да гласаат за воведување на електронската белезица и да се стави крај на ваквите трагедии.
Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – непрописно ги складирале батериите и тонерите, што ги загадија почвата и воздухот

Скопското Обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирале електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и на воздухот и опасност за здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек, кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со ќерка си – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и ќерката како соизвршители што постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и на воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање работен однос, сепак презел дејства со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички го обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот бргу се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и н аИнспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, Обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за другите тројца куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.