Македонија
Авион од Брисел слетал во Скопје – во него има патници со симптоми на коронавирус

Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција информираше дека попладнево слетал авион од Брисел за кој имало информации дека внатре има патници со симптоми на коронавирусот.
„Тие ќе бидат однесени на Инфективната клиника за да се тестираат. Останатите патници ќе чекаат на аеродромот додека не стигнат резултатите. Потоа, во текот на вечерва ќе одлучиме што ќе правиме, дали ќе бидат пратени во домашна изолација или ќе бидат преместени во објектите што ги предвидовме за изолација“, рече Филипче.
Во однос на конвојот автобуси кои во текот на вечерва пристигнува во државата со наши државјани од Италија, Филипче рече дека тие веќе почнале да пристигнуваат и тоа ќе продолжи и во наредниве часови. Министерството за внатрешни работи ќе го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите треба да ги смести во капацитетите на Криволак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Под истрага началник и виш инспектор

Под истрага се двајца полициски службеници поради попречување на правдата, продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и продолжено кривично дело Фалсификување исправа.
Според прибраните докази, осомничените како службени лица – началник и виш инспектор, по претходен договор и заедно, не извршувајќи ја својата службена должност ја злоупотребиле својата службена положба со намера да го спречат докажувањето во постапки што се воделе пред ОЈО Куманово.
Така, во август 2023 година во предмет против осомничен за кривично дело Предизвикување општа опасност, иако при претрес била пронајдена пушка, второосомничениот не го известил надлежниот јавен обвинител и со Известувањето што го подготвил до ОЈО Куманово, а кое го одобрил и потпишал првоосомничениот, не го доставил пронајденото оружје, ниту побарал негово вештачење. На тој начин осомничените злоупотребувајќи ја својата положба со неизвршување на својата службена должност, го прикриле предметот што служел за докажување на стореното кривично дело и овозможиле пријавата против осомничениот да биде отфрлена со што потешко ги повредиле правата на оштетените пријавители на кривичното дело.
Кон крајот на месец декември минатата година, првоосомничениот изработил Потврда за вратени предмети со која на осомничен во предмет му вратиле возило што претходно било одземено поради постоење основи на сомневање на сторено кривично дело Фалсификување исправа. Иако знаеле дека идентитетот на возилото според извршеното вештачење е променет, првоосомничениот наместо да поднесе кривична пријава, подготвил Известување до ОЈО Куманово кое второосомничениот како началник го одобрил и потпишал, а потоа истото било доставено до обвинителството. Враќајќи го возилото осомничените му овозможиле на друг да прибави имотна корист во вредност од 7.640 евра, информираа од Обвинителството.
Согледувајќи ги околностите што укажуваат на опасност од бегство доколку осомничените се бранат од слобода, како и дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците кои би дале важни информации за случените кривично правни настани, а имајќи ги предвид работните позиции, јавниот обвинител цени дека реално постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе го повторат кривичното дело. Затоа, до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје обвинителството достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата осомничени кој предлог е прифатен и со Решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Македонија
„Паркови и зеленило“: Не е вистина дека било обележано за сечење дрвото кое повреди дете во Карпош

Паркови и зеленило ги демантира наводите на општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење дрвото, кога гранка повреди дете во Карпош.
Од тука велат дека до нив, не пристигнало никакво барање ниту пак има издадено Решение за сечење.
„По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29 став 2 во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесеното барање, општината е должна во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“). Во случајот е евидентно дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило“, велат од „Паркови и зеленило“.
Сметаат дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што доколку се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање.
„Паркови и зеленило“ изрази жалење за случајот.
Малолетникот беше повреден во Карпош, кога се откорна голема гранка од дрво. Општина Карпош претходно побара Министерството за внатрешни работи да го документира овој настан, да се утврди одговорноста и да се сносат правни последици.
Македонија
Мицкоски и Орбан повикаа на постигнување траен мир во Украина: „Европа преку партнерството со САД да заземе поинтензивна улога во процесот“

Заедно да поттикнеме и да поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процесот на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е и во полза на украинските пријатели и на самата Европа. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
За војната во Украина зборуваше и Орбан, кој рече дека Унгарија останува на ставот дека војната треба да прекине.
„Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротиставуваме на оние држави од Европската уинија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и е грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел“, рече Орбан.
Двајцата зборуваа и за европските интеграции на Македонија, пришто премиерот Мицкоски истакна и дека стратешка цел на државата останува членство во Европската Унија и за тоа не треба да постои дилема, а истовремено изрази надеж дека Унгарија ќе помогне да се откочи процесот.
„Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел. Но, исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која беше пред 20 години, е навистина бесценета, односно цената е толку голема, што не може да се утврди, бидејќи пред се зборуваме за процесот на билатерализација на преговори, а не за европеизација на преговорите“, рече Мицкоски.
На слична линија е и Орбан, кој децидно порача дека овој процес трае премногу долго.
„Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Северна Македонија. ЕУ мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето“, рече Орбан.
Според унгарскиот премиер не е фер и тоа што некои европски лидери ја фаворизираат Украина пред Северна Македонија за придвижување на патот кон Унијата.