Македонија
Али и Мали, Мицкоски подолг период го моли „превоспитаниот” Ахмети да влезе во Владата, вели Жерновски
ВМРО- ДПМНЕ дојде на власт врз основа на две ветувања. Прво, дека ќе го поништи “штетниот” Преспански договор, со што ќе го врати името Република Македонија. И второ, дека ќе ги апси фунционерите од ДУИ, при што ќе го превоспита Али Ахмети, праќајки го во опозиција, во затвор и во историја, пишува на социјалните мрежи поранешниот амбасадор, Андреј Жерновски.
Јасно, вели Жерновски, тоа беше наративот на опозиционерот Мицкоски, кој не само што добро знаеше дека се тоа тешки лаги, туку и добро излажа.
„Откако дојде на власт, “опозиционерот Мицкоски” експресно беше заменет со “премиерот Мицкоски”. Сосема друг човек, поинаков, со целосно променети ставови. Да не го препознаеш. Не само што не ги исполни стожерните ветувања, туку од првиот ден почна истите да ги погазува.
За да влезе во Влада, прво во Собранието без проблем си ги потпиша сите документи со Северна Македонија, а првиот закон кој новото парламентарно мнозинство го донесе беше изгласан токму со поддршка на озлогласениот ДУИ.
Силниот патриот преку ноќ се претвори со прагматичен и “конструктивен” политичар“.
На владините соопштенија, додава Жерновски, толку ревносно го употребува терминот “Северна”, „што многумина мислат дека он го потпишал договорот во Преспа. Се сеќавате, секако, на онаа негова фамозна опозициска изјава: “Ако бидам премиер, никогаш нема да кажам Северна – нека ми го одземат мандатот“.
Се разбира, ништо од таа заклетва“.
И така, преку ноќ, оценува Жерновски, Преспанскиот, од предавнички, стана договор кој е ремек дело, а новото уставно име стана забетонирано, односно Заветно.
„Но, како и во поговорката за лоповот, така и оној што лаже, не може да застане на “еднаш”.
Јавноста, особено онаа излажаната, набрзо ќе биде сведок дека пред нејзини очи се случува бесрамно прекршување и на второто ветување. Мицкоски подолг период го моли “превоспитаниот” Ахмети да влезе во владата! Не важат повеќе гордите патриотски говори од славните опозициски денови во кои ќе им одржеше леција, ќе ги модернизираше и декриминализираше своите довчерашни соработници од ДУИ.
Преговорите меѓу двете партии не само што се водат интензивно, туку се во завршна фаза. Сериозни извори тврдат дека е веќе е договорено предвремените парламентарни извори да се одржат во април идната година.
За жал, ова не е првоаприлска шега, а дека тоа е така, може да ви го потврдат преговарачите. Од една страна министерката која ја направи, нели, Македонија една од трите најдобри економии во Европа, како и пратеникот кој покажа дека собраниската плата е бајаги поголема од урнисаната семејна кошничка. Од друга страна, омилениот интегративец на груевистите, кои се враќа на голема врата преку, за него, добро позната врата во Белата палата.
Патем, ДУИ веќе доминира во преговорите, бидејќи не успеа молењете на Мицкоски новата патриотска колиција да се случи веднаш по локалните избори, без таквиот старо-нов брак да биде заверен пред гласачите.
А да, ги (под)заборавивме ВЛЕН и ЗНАМ. Тие ќе си останат со прстот во уста, исто како и изневерените гласачи.
Како и да е, тој што лаже и кој на таков начин дошол на власт, е мал политичар и уште помал човек.
Да се подготвиме за новата свадбарска фотографија на Али Ахмети и Мали Мицкоски.
Али и Мали“, пишува Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

