Македонија
(Видео) Мицевски: Поднесовме Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, ја поднесовме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, истакна денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема на мигранти од страна на СДС.
Дозволете ми, да ви ги претставам 9-те точки од кои се состои резолуцијата.
1.Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
2. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
3. Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
4. Се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
5. Се потенцира дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
6. Се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.
7. Се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
8. Се утврдува дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
9. Оваа резолуција стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник“.
Со оваа Резолуција, нагласува Мицевски, се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти.
Уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

