Регион
(Видео) Српскиот премиер даде оставка: Апсолутно сè е планирано од странство, не се сомневам во тоа
На денешната вонредна прес-конференција српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка.
„Почитувани граѓани, кога на крајот на април минатата година го добив мандатот од претседателот на Републиката, секако имав силно чувство на гордост, но, пред сѐ, се обидов да ја разберам одговорноста што ја носи оваа функција“, рече Вучевиќ.
„Себеси се гледав како дел од политиката на континуитет од првата влада на Александар Вучиќ до владата на Ана Брнабиќ. Се гордеам на она што го направивме како влада заедно со претседателот на Републиката во претходните девет месеци. Мислам дека постигнавме значајни резултати, пред сѐ, во областа на економијата“, додаде Вучевиќ.
„Она што фрли голема сенка врз минатата година, но и врз мандатот на оваа влада, беше трагичниот настан од 1 ноември. Од тој момент Србија како да беше заглавена во таа катастрофа. За жал, уште еднаш ја видовме политичката злоупотреба на оваа трагедија“, нагласи тој.
„Она што остава длабоки последици врз нашето општество е сериозната поделеност, т.е. создавањето атмосфера во општеството дека сѐ е на работ на конфликт, дека сме дошле до точка каде што учениците во училиштата се бројат за да се види кој посетува настава, а кој не. Апсолутно сè е планирано од странство. Не се сомневам во тоа“, рече тој.
Инаку, во 10 часот заврши 24-часовната блокада на една од клучните сообраќајни централи во Белград, во која учествуваа десетици илјади студенти и граѓани, продолжувајќи ги протестите, кои во Србија траат речиси три месеци, од несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Државниот врв на Србија вчера најави реконструкција на владата и помилување на уапсените учесници во тримесечните протести тврдејќи дека се исполнети барањата на студентите, чиј бунт добива сè поголема поддршка во Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во екот на студентската блокада во сообраќајот во Белград изјави дека ќе ги исполни сите нивни барања и ќе ги помилува уапсените за време на досегашните протести, а истовремено најави и реконструкција на владата.
Студентите одговорија дека нивните барања не се исполнети и дека продолжуваат со блокадите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

