Топ
(Видео) Уапсен дилер на дрога, ќе биде запленет имот вреден над 600.000 евра
45 годишен скопјанец набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал по цена од 3000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Дрогата ја продавал на поголем број луѓе.
Осомничениот е фатен по повеќемесечно следење од страна на надлежните институции.
„По насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материјали заедно со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога, САЕ Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, спроведоа криминалистичко истражување од септември 2023 до јануари 2024 година за едно лице од Скопје, кое претходно било осудено и издржало казна затвор од 15 години за продажба на дрога“, велат од ОЈО Скопје.
Денеска во скопска Гази Баба извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и други предмети, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога.
„По приемот на кривичната пријава, во текот на утрешниот ден, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“, информираат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.
Македонија
Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки
Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.
Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Гостивар
Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово во 5 часот и 21 минути се случи земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, на околу 45 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.2
Земјотресот е почувствуван во Гостивар и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

