Европа
(Видео) Французите излегоа на улиците – штрајкува целата земја, полицијата со солзавец кон демонстрантите

Во цела Франција синдикатите почнаа штрајк, кој се смета дека ќе биде еден од најголемите досега, а чија цел е да се принуди францускиот претседател, Емануел Макрон, да ја повлече најавената реформа на пензискиот систем.
Полицијата за разбивање на протестите пукаше со солзавец кон маскираните демонстранти, кои кон припадниците на органите на редот фрлаа со разни предмети.
Во Лион и Марсеј на улиците изегоа илјадници демонстранти, кои носеа транспаренти со натпис „Макрон се изгуби“ и „Не допирајте ги нашите пензии“, пренесува „Ројтерс“.
Во Монпелје во поворката учествуваа стотици адвокати во одори и негуватели во болничарски униформи, како и десетици „жолти елеци“.
Вкупно, речиси 285.000 лица денеска демонстрираат во 40-ина града во Франција, но оваа привремена процена не ги зема предвид демонстрациите во Лион и Париз, каде што поворката почна околу 15.15 часот.
Како резултат на штрајкот, сообраќајот во градовите е парализиран, без железнички, ниту метро-сообраќај, а на францускиот аеродром „Орли“ сообраќајот е намален 20 проценти.
Во пресрет на демонстрациите милиони работници се заканија дека ќе штрајкуваат во знак на протест поради тоа што ќе бидат принудени да се пензионираат подоцна или ќе се соочат со намалени пензии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин