Топ
Во животно загрозувачка состојба е пешакот кој беше удрен од автобус на ЈСП

Во животно загрозувачка состојба е пешакот кој вчера беше удрен од автобус на ЈСП во Скопје кај Транспортниот центар.
Од МВР велат дека тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, и се наоѓа во животно загрозувачка состојба.
Се работи за лице на возраст од 85 години од Студеничани.
Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна полициска екипа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара оставка од обвинителот Коцевски

ВМРО-ДПМНЕ и денеска упати јавен повик до обвинителот, Љупчо Коцевски, да си поднесе оставка поради, како што велат, компромитирање на независноста на Обвинителството. Партијата го обвинува Коцевски дека ја претворил обвинителската функција во партиски сервис на СДСМ и ДУИ, со што, според нив, ја довел правдата во заложништво на политичките интереси.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека со негласањето на интерпелацијата во Собранието, СДСМ ја покажало својата поддршка за Коцевски како чувар на нивните функционери од кривична одговорност.
Партијата посочува дека довербата во обвинителот е падната под 2 проценти и дека тој, и покрај изгласаниот притисок и интерпелацијата, одбива да поднесе оставка.
Македонија
Царините на Трамп стапија во сила, стапката за Македонија е 15 отсто, како и за земјите од ЕУ

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти, стапија ВО сила и ја ставија на тест стратегијата на републиканците за намалување на трговскиот дефицит.
Царинската и граничната заштита на САД (CBP) започна со собирање повеќе царини во 00:01 часот по источно време, по недели неизвесност околу конечниот процент на мерките на Трамп и забрзаните преговори со земјите од целиот свет кои сакаа да ги намалат.
Основен процент од 10 проценти претходно беше воведен за увоз од многу земји откако Трамп ги паузираше повисоките царини објавени на почетокот на април. Но, американскиот претседател оттогаш често ги менуваше своите планови, па затоа воведе повисоки стапки за некои земји.
Ова вклучува 50 проценти увоз од Бразил, 39 проценти од Швајцарија, 35 проценти од Канада, Србија, и 25 проценти од Индија. Во среда, тој објави дополнителна царина од 25 проценти за увозот на руски енергетски производи од Индија, која ќе стапи во сила за 20 дена.
Во пресрет на стартот на царините, Трамп зборуваше за милијарди долари што ќе се влеат во САД, главно од земји за кои тврди дека ги искористиле САД.
Осум големи трговски партнери кои сочинуваат 40 проценти од трговијата со САД постигнаа рамковни договори со Вашингтон, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Тие обезбедија основна каматна стапка од 15 проценти. Велика Британија се согласи на 10 проценти, а Виетнам, Индонезија и Филипините помеѓу 19 и 20 проценти. Стапката за Македонија, како што претходно беше објавено, изнесува 15 проценти.
Свет
Зеленски ги објави петте приоритети за украинската одбрана – 50 отсто домашно оружје на фронтот

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги претстави петте клучни приоритети на Министерството за одбрана, меѓу кои се зголемување на учеството на домашно оружје на фронтот, дигитализација, намалување на бирократијата, како и решавање на персоналните прашања во украинските вооружени сили.
„Во регионот Суми беше поднесен извештај од министерот за одбрана Денис Шмихал за реформата на министерството. Првиот приоритет се однесува на максимален број нарачки од украинските производители, со цел 50 проценти од оружјето на фронтот да биде од наша продукција“, истакна Зеленски во своето синоќешно видео-обраќање.
Тој исто така ја нагласи потребата од развој на дигитални услуги и сите системи, вклучително и системот „Делта“. Според зборовите на Зеленски, неопходно е и намалување на бирократијата и воспоставување јасна комуникација со бригадите и единиците во врска со нивните потреби.
„На петтото место е целиот комплекс прашања поврзани со персоналот. Сите сме запознаени со овој проблем. Министерството за одбрана, заедно со армијата, мора да го реши тоа“, порача тој, пренесе агенцијата Укринформ.
Претседателот на Украина, за време на посетата на регионот Суми, одржа состанок со врховниот командант на армијата, Олександр Сирски, министерот за одбрана Шмихал и командантот на воздухопловните сили, Олег Апостол. Зеленски, по повод годишнината од почетокот на операцијата во регионот Курск, се сретна во Суми и со војниците од 225. јуришен полк, пренесе украинската агенција.