Топ
Во сообраќајката кај Момин Поток загинаа полковникот Стефан Ивановски и Ана Нешовска од Министерството за одбрана

Поранешниот припадник на „Волците“, полковникот Стефан Ивановски и Ана Нешовска раководителка на военото разузнавање, вработена во Министерството за одбрана се лицата кои загинаа во сообраќајката кај Момин Поток, во близина на касарната „Илинден“.
Информацијата ја сподели поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска на социјалните мрежи.
„Стефан Ивановски, го запознав како скромен, но исклучително способен офицер, посветен командант на армиските Волци, кој живееше за државата, Армијата и неговото семејство. Го гледав како еден од идните столбови на Генералштабот. Ана Нешовска, работлива, кротка, но полна со енергија и желба да го промени светот, за неа не постоеше ништо невозможно…Ја гледав како првата жена раководител на военото разузнавање“, напиша Петровска.
Вели дека несреќното заминување ги скршило сите, а Министерството и Армијата изгубија многу. Нема зборови на утеха, има само зборови за сочувство во оваа огромна тага. Почивајте во мир, напиша Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)
Македонија
(Видео) Филипче во Франција: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамките на работната посета на Париз, Франција.
Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Македонија.
Притоа нагласи дека СДСМ веќе работи на поактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.
„Во финална фаза е подготовката на резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со оваа резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на кој било начин излегуваат од преговарачката рамка“, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности, веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.
„Со носењето резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции, но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и за реформите како конечно деблокирање на европскиот пат“, изјави Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.
„Ова е време за политичка зрелост и за заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со поактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската Унија. Македонија мора да продолжи по европскиот пат, кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското собрание.