Топ
Вработен во МВР со службено возило удрил во малолетник во Аеродром

Вработен во Министерството за внатрешни работи со службено возило удрил во малолетник во скопската населба Аеродром, кој со тешки повреди бил пренесен во болница.
Според информациите на МВР, несреќата се случила вчера во 11.35 часот по кружниот тек од улиците Коста Новаковиќ и Ангел Димовски кога автомобил „опел астра“, сопственост на МВР, управувано од Б. Р., удрило во малолетник, кој добил тешки телесни повреди и му била укажана лекарска помош во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје и одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на загинатите се пред МВР: И без душа и без дете, ние пеш дојдовме, сега нека излезе Тошковски место ние да влеземе

Родителите и роднините на загинатите во Кочани стигнаа пред Министерството за внатрешни работи. Решија да дојдат пред Министерството откога министерот Панче Тошковски ги известил дека ќе ги прими на средба. Измачени од маршот, кој почна пред три часа, тие застанаа пред Министерството.
„Кога ние можевме да дојдеме до тука, ако има храброст, нека излезе тој пред нас родителите. Ние толку голем пат поминавме до тука, нека излезе тој од почит кон нас родителите. Штом не знаеше со автомобилот да дојде пред Собранието, еве ние пеш дојдовме до тука и без душа, и без сила, и без дете. Сакаме да дојде тука пред нас“, рече една од мајките на загинатите и седна на асфалтот пред МВР.
Друга мајка предложи да влезат и да разговараат со министерот сами, како што направија во Обвинителството, но повеќето рекоа дека се исцрпени и чекаат министерот да покаже почит.
Пред Собранието пред родителите на загинатите излегоа лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, и неколкумина негови сопартијци пратеници, како и пратеници од партијата Левица. Кога Филипче им објасни дека институционално во Собранието се борат за неселективна правда, родителите на загинатите им рекоа да си депонираат оставки од функциите кај претседателот на Собранието оти нивната борба личи на борба во себе. Ги потсетија пратениците на СДСМ дека се многу поборбени кога се борат за да дојдат на власт, па прават шарени и какви ли уште не револуции.
Македонија
Тошковски вели дека не е направен пропуст од страна на МВР во случајот со „Пулс“

Во Собранието почна расправата за интерпелација на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на партијата Левица.
Пред пратениците се обрати министерот, кој рече дека не е направен пропуст од страна на МВР во случајот со импровизираната дискотека „Пулс“.
Toшковски вели дека не се плаши од одговорност и жали за секој изгубен живот, а институциите постапуваат по сите случаи во согласност со законот.
„Пред вас не стојам како министер, туку како човек што ги разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како министер и родител“, рече Тошковски.
Министерот во однос на точките од интерпелацијата изјави дека лиценцата за „Пулс“ била фалсификувана, а за употребата на пиротехнички средства немало ниту барање ниту дозвола. Во врска со точката од интерплацијата за наукажување помош од страна на полициските службеници, Тошковски вели дека веднаш по дојавата за трагедијата, МВР реагирало со сите капацитети, а службениците регаирале ефикасно со насочување на сите ресуроси.
„Не можам да дозволам да се оцрнува секој полициски службеник и професионалец во рамките на МВР од страна на оние што не ѝ мислат добро на Македонија“, рече Тошковски.
Интерпелацијата ја поднесе партијата Левица поради, како што се наведува, немањето никаква контрола врз дискотеката „Пулс“, нелегалната употреба на пиротехнички средства, неукажувањето помош од страна на полициските службеници, непроцесираните закани против неистомисленици на власта и забраната за употреба на дронови од МВР, што според партијата Левица, беше злоупотребено за да се повреди правото на протест.
Другите пет точки од интерпелацијата, како што беше истакнато, се однесуваат на уапсените граѓани во Гостиварско, кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана, која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни и кадровската политика во Министерството.
Македонија
(Видео) Јанчев: Дискотеката без мака работела 13 години, Тошковски да сакал, ќе ја затворел

Работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој на оваа функција е повеќе од една година, денес е на разгледување пред пратениците на македонското Собрание.
Интерпелацијата, која ја поднесе пратеничката група на Левицата, пред народните избраници ја образложи пратеникот Сашко Јанчев, кој истакна дека за „некадарноста на министерот Тошковски од аспект на неговите карактерни особини доволно говори фактот што тој досега не ни помисли да понуди оставка од морални причини, нешто што го правеле претходни македонски министри во слични ситуации кога сме имале вакви хаварии“.
„Интерпелацијата првенствено ја поднесуваме поради немање никаква контрола врз дискотеката ‘Пулс’, што е изречно законска обврска на МВР. Настанот во Кочани резултира со повеќе од шеесет починати и двесте повредени и на површина изнесе недозволиви и сериозни системски пропусти од страна на институциите и органите (МВР, ДПИ, УЈП, Дирекцијата за заштита и спасување, локални власти, инспекциски органи, републички и општински, Бирото за јавна безбедност, полициски станици и други), кои имаат законска надлежност да го регулираат, надгледуваат и да го контролираат работењето на угостителските објекти од таков тип, особено во однос на безбедноста на јавните настапи и настани и употребата на пиротехнички средства. Сите овие се задолжени да вршат редовни контроли, да издаваат потребни дозволи, да ги регулираат условите за безбедноста и да преземаат мерки за спречување злоупотреби. Дискотеката без мака си работи 13 години, притоа без да исполнува минимум услови за да работи и тоа е доказ за институционалниот башибозук што го создадовте сите вие со партизацијата на институциите за време на вашите владеења и шурувањето со секакви локални битанги поради болно властољубие, вклучувајќи ја и партијата што сега е на власт, а која сега глуми спасител и стабилизатор“, истакна Јанчев.
Според Левицата, МВР потфрлило со тоа што дало согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир плус безбедноста на сообраќајот како во сопствените надлежности за проверка на работно време, на гласноста и бучавата, на присуство на малолетници по полноќ, на точење алкохол и употреба на наркотични супстанции. „Ништо од ова не е завршено. Да беше завршено, дискотеката немаше да постои“, рече Јанчев.
Дополнителен аргумент, како што истакна Јанчев, за одговорност на Тошковски е фалсификат лиценцата, која е во време на неговото министерување.
„Особено сомнителен е моментот што во истрагата се вклучени речиси сите бивши функционери од Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат и други органи, но симптоматично не се вклучени актуелните носители на функции од овие институции, вклучувајќи ги и одговорните лица од МВР, со исклучок на бившиот градоначалник на Кочани. Сите тие не презеле навремени соодветни мерки и пропуштиле да истражат и да санкционираат неправилности во работењето на дискотеката. Конкретно, ова се однесува на одговорните лица во ОВР Кочани, СВР Штип и во Бирото за јавна безбедност. Во јавноста излегоа информации за пријави за нарушување на јавниот ред и мир од страна на дискотеката ‘Пулс’, доставени до ОВР Кочани и СВР Штип. По нив не е постапено, што е спротивно на Законот за полицијата“, рече Јанчев.
Според Левицата, нејасно и индикативно е изоставањето од истрага на актуелната началничка на ОВР Кочани, Марија Цветановска-Маневска, и началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, Томо Донев, кои се повеќе од една година на функција.
„Не се гонат ниту одговорните лица што требало да водат евиденција за давање одобрение за употреба на пиротехнички средства од ОВР Кочани. Изоставена од истрагата е и главната инспекторка за економски криминал од ОВР Кочани, Кристина Јованова, која, и покрај фактот дека објектот само неколку месеци пред катастрофата бил казнат од УЈП поради неиздавање фискални сметки и други нерегуларности, не презела мерки за истрага за објектот“, рече пратеникот.
Левицата во образложението за интерпелацијата прашува зошто МВР спротивно на стандардните оперативни процедури вечерта правела рација без присуство на трудов инспектор, без присуство на инспектор од УЈП и Државниот пазарен инспекторат, кој е и надлежен при констатирање неправилности, кои тука очигледно ги имало бидејќи објектот е без лиценца, да го затвори и да му стави пломба.