Македонија
Галетановски: Град Скопје објави тендер за озвучување на изгорената Универзална сала

„Скопјани дишат загаден воздух, нема автобуси, градот тоне во нечистотија, Универзалната сала е пеплосана, Зоолошката диши на шкрги. Ова е секојдневието на граѓаните на Скопје,“ изјави претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски.
Тој ја осуди неодговорноста на градската власт и нејзината неодамнешна одлука да објави тендер за техничка опрема, озвучување и осветлување на Универзална сала, вреден речиси 2,5 милиони денари.
„Што прави локалната градска власт, Советот на градот и градоначалничката на Скопје? Ништо. Но, затоа се силно фокусирани на тендери. Овде нема здрава логика ниту трошка разум,“ истакна Галетановски, додавајќи дека граѓаните со право се револтирани од ваквото трошење на јавните средства.
„Имате ли грам жал? Да не правите журка врз маката на скопјани?“ праша Галетановски, повикувајќи на итно стопирање на тендерот и пренамена на средствата за реални потреби на граѓаните, како субвенции за инвертери или помош за Зоолошката градина.
СДСМ бара итно да се преиспитаат приоритетите на градската власт и средствата на скопјани да се насочат кон решавање на реалните проблеми на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Образ ѓон, се уште седат и земаат илјадници евра плата: Мицкоски за членовите на Судскиот совет

„Вие пратениците изгласавте недоверба на членовите на Судскиот совет. Но, и покрај тоа што тие ја добија недовербата од страна на тие кои што ги гласале, и понатаму продолжуваат да бидат дел од Судскиот совет и да земаат илјадници евра месечен надомест, притоа уживајќи помалку од 2 проценти доверба кај граѓаните и никому ништо. И тоа доволно ви кажува за каков профил на личности станува збор и зарем вие очекувате нешто различно од нив да донесат како одлука, посебно за случајот за младата Теодора која е прегазена на пешачки премин“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.
Мицкоски упати остри реакции и за Советот на јавни обвинители.
„Но, не е само тоа. Во случајот има и една друга институција Советот на јавни обвинители, таму има еден замислете еден виш јавен обвинител кој што бара да се намали првостепената пресуда. Затоа што овој случај има прв дел од пресуда од 3 и пол години, се жали обвинителот на ниска казна, неговиот надреден кој што е во Вишото, ја прифаќа одлуката односно прифаќа таа да биде помала од 2 години“, рече Мицкоски.
„Зарем вие очекувате од овие луѓе нешто повеќе. Јас не. Образ ѓон.“, изјави Мицкоски.
„Ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење се лаже, нема така едноставно да поминуваат некои работи. Правдата мора да биде неприкосновена и да ја добијат сите,“, дециден е Мицкоски.
Во однос на реформите, истакна дека се во завршна фаза и очекува до крајот на јуни да бидат донесени, но како што рече лично има дилема дека нешто од тоа ќе функционира со вакви судии и обвинители.
„Тие се работат и се во завршна фаза. И се дел од реформската агенда и има јасен датум дека до 30.06 треба да се донесат. Но, искрен да бидам лично мислам и имам дилема дека нешто од тоа ќе функционира со овие вакви судии и обвинители кои се бирани на начин на кој што се бирани. Не сите, туку мала група, но таа мала група го контаминира она поголемо ткиво кое заслужува да биде и судија и обвинител“, појасни премиерот.
Македонија
Тренчевска до Дурмиши: Кој ќе одговара за доцнењето на платите и непочитувањето на законските обврски

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска во рамките на собраниската седница посветенa на пратенички прашања упати прашање до министерот економија и труд Бесар Дурмиши, во врска со неисплатените плати на вработените министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат и државниот трудов инспекторат.
„Министре дали сте свесни дека поради вашата неспособност и неспособноста на Владата на ДПМНЕ, всушност сé излезе на виделина. Илјадници вработени, меѓу кои и вработените во министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат, државниот трудов инспекторат ги оставивте без плата.
Ова не е административен пропуст, министре, ова е неспособност, ваша неспособност и неспособност на владата, но ова е и кршење на законските права на работниците, понижување на нивното достоинство, за што треба да има одговорност.
Додека вие како функционери во владата уживате во луксузи со папаја и манго, работниците се оставени без плата и без основна егзистенција и тоа е тотална незаинтересираност на власта за граѓаните, за вработените, за македонскиот народ“.
Да оставите луѓе без здравствено осигурување и без плата по повеќе од два месеци, оценува Тренчевска, навистина е нешто за коешто треба да има одговорност.
„И затоа, министре, сакам да ги одговорите кога ќе биде исплатата на платата на овие три институции и дали конечно ќе се реши хаосот, којшто го предизвикавте со измените на ЗОРОДУ и со спојувањето на инспекторатите во министерството за економија и труд и дали вакви случаи ќе има понатаму и дали ќе има одговрност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски за исплата на плата во 15-ти во месецот“.
Ја повика и трудовата инспекција да направи надзор во министертвото за економија и труд.
„Како што поднесуваат кривични пријави за други работодавачи за неисплатени плати да поднесат кривична пријава и за министерот за економија и труд, затоа што неисплатата сега на платата не ви е прв пат, имаше, како што спомнав, неисплатување на плата и во јануари, исплата на плата за декември тек во февруари, па така согласно член 166 од Кривичниот закон, како што трудовата испекција поднесува кривични пријави за други работодавачи коишто не го почитуваат ова основно право на работникот за исплата на плата да поднесе кривична пријава и до министерот за економија и труд“, кажа Тренчевска.
Македонија
Николоски-Нокс: Македонија ги исполнува реформските процеси и ја развива регионалната соработка

Македонија ги исполнува реформските процеси и дава сериозен придонес кон регионалниот развој, потенцираше вицепремиерот Александар Николоски на средбата со Медлин Нокс, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Политичките и економските односи меѓу зeмјите од Западен Балкан се во постојан напредок, а Македонија има значајна улога за развојот на таквите односи, истакна Николоски. Мерките и политиките што ги реализира Владата се во насока на намалување на трговските бариери, зголемување на трговијата и конкурентноста на економиите во земјите од Западен Балкан, додаде тој.
Вицепремиерот Николоски уште еднаш го потенцира стратешкото пријателство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и подршката што и се овозможува на земјата кон нејзиниот развој.
На средбата се разговараше и за зацврстување на економската соработка, можноста за нови инвестиции и соработка на двете земји во сектори од заеднички интерес.
Македонија и Обединетото Кралство негуваат добри пријателски односи, се согласија и двете страни, со заложба таквото партнерство да се зацврстува преку конкретни процеси и проекти.