Европа
Десетмина загинаа, а седум лица се повредени во сообраќајка во Романија

Десет лица загинаа, а седум се повредени во сообраќајна несреќа во Романија, потврдија службите за итни случаи на „Еуроњуз“.
Несреќата се случила во раните утрински часови кога минибус и камион се судриле на пат во источна Романија, јави новинската агенција АФП, цитирајќи ја романската полиција.Во несреќата загинаа деветмина од 16 патници во минибусот, како и возачот на камионот, соопштија службите за итни случаи во Иаломиша.
„Меѓу повредените, четворица се во сериозна состојба“, рече Раед Арафат, државен секретар на Романија за внатрешни работи.
Ова е една од најсериозните сообраќајни несреќи кои се случиле изминатиов период во Романија,земја каде често се дебатира за лошата состојба на патиштата.
Патот бил затворен и 40 пожарникари биле повикани на местото на настанот, според АФП, цитирајќи го романското Одделение за итни случаи.
Романија е земја во ЕУ со најголема стапка на сообраќајни несреќи: забележани се 96 смртни несреќи на милиони жители во 2018 година. Просекот на ЕУ е 49 смртни случаи на милион жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за „Си-би-ес Њуз“.
Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше пратеникот на Кремљ, Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.
„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.
Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се преселивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.
„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средби со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на неговата голема воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.
Европа
Руски сериски убиец осуден за убиство на 48 луѓе, подготвен е да признае уште 11 убиства

Руски сериски убиец осуден на доживотен затвор за убиство на 48 луѓе е подготвен да признае уште 11 убиства, соопшти руската затворска служба.
50-годишниот Александар Пичушкин целел на жртвите – главно бездомници, алкохоличари или постари лица – околу московскиот парк Бицијевски. Неговиот убиствен поход траеше од 1992 до 2006 година, а потоа му беше судено во 2007 година.
Руските медиуми го нарекоа „шаховски убиец“ бидејќи на детективите им кажал дека за секое убиство планирал да стави паричка на еден од 64-те квадрати на шаховската табла. Серискиот убиец се наоѓа во затвор на рускиот Арктик од неговото осудување.
Долго време се претпоставуваше дека тој убил повеќе луѓе од 48-те за чии убиства веќе е осуден. Тој сега им кажал на истражителите дека е подготвен да признае уште 11 убиства на мажи и жени, соопшти руската затворска служба на социјалната мрежа Телеграм.
За време на претходното судење, тој тврдеше дека убил 63 лица, но беше обвинет само за 48 убиства и три обиди за убиство. Доколку биде осуден за дополнителни 11 убиства, тој ќе стане вториот најсмртоносен сериски убиец во Русија. Михаил Попков, поранешен полицаец, е осуден за 78 убиства.
Европа
Урсула фон дер Лајен: ЕУ е подготвена да се брани од американските царини со контрамерки

Европската унија е подготвена да ги брани своите интереси со пропорционални контрамерки на тарифите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по телефонскиот разговор со британскиот премиер Кир Стармер.
Таа најави дека ЕУ ќе соработува со своите партнери за да ја постигне таа цел, пренесува Ројтерс.
Фон дер Лајен истакна дека 27-те земји-членки на ЕУ се посветени на блиска соработка со Велика Британија во областа на безбедноста и одбраната и изрази загриженост за Русија, која, според неа, ги попречува мировните напори во Украина.
Претседателот на Европската комисија на 24 април во Лондон ќе се сретне и со британскиот премиер Стармер по повод Меѓународниот самит за иднината на енергетската безбедност.
Во саботата стапија на сила основните царини од 10 отсто за целиот увоз во САД.
Од Европската унија беше најавено дека земјите-членки во среда треба да гласаат за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум, пренесува Танјуг.