Македонија
Зеќири за казната затвор: Јас само спроведов предлог на вицепремиерот Фатмир Битиќи, ќе се жалам

Ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, рече дека две и полгодишната затворска казна е неоснована и дека преку адвокатскиот тим ќе ја обжали одлуката.
Тој рече дека во целиот процес не се докажала негова умисла за склучување на договорите.
„Јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи“, рече Мухамед Зеќири.
„Јас спомнав во мојот завршен збор, примерите во Владата, кога се задолжува генералниот секретар, експлицитно се наведува кога е во прашање спроведување на јавните набавки, во овој случај не беше, а исто така и правните советници во Владата не се спротивставија. Не бев јас тој што ги гледаше договорите, туку ги гледаа правни стручњаци во Владата и во ниту еден момент не ми укажаа дека јас не треба да потпишам“, додаде поранешниот генерален секретар.
Мухамед Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.