Свет
Иако е блокиран, Трамп пак се врати на Твитер: Сакаат да ме замолчат
Американскиот претседател Доналд Трамп продолжи да објавува твитови синоќа користејќи го официјалниот налог @POTUS (претседател на САД). Трамп зборуваше преку официјалниот профил на американскиот претседател откако претходно твитер го блокираше неговиот налог @realDonaldTrump.
„Како што веќе долго време велев, Твитер отиде се подалеку во забраната на слободата на говорот, а вечерва вработените во Твитер, во соработка со демократите и радикалната левица, работеа на отстранување на мојот налог од нивната платформа, за да ме замолчат“, напиша Трамп во серија твитови кои веќе не се видливи на социјални мрежи. Твитовите веднаш беа отстранети.
Trump returns, on the @POTUS account, and says he is looking “at the possibilities of building out our own platform in the near future.” pic.twitter.com/AhbICQ82OM
— Josh Wingrove (@josh_wingrove) January 9, 2021
Не е јасно какви чекори презеде Твитер во управувањето со налогот @POTUS. Претходно истиот ден, компанијата објави дека трајно ќе го прекине личниот налог на Трамп „поради ризик од понатамошно поттикнување на насилство“. Твитер конкретно спомена дека твитовите на Трамп порано тој ден може да се толкуваат како поддршка за немирите.
Во своите твитови на официјалниот налог на претседателот на САД @POTUS, Трамп го повтори својот повик за укинување на член 230 од Законот за пристојност во комуникациите од 1996 година, кој ги штити технолошките компании од одговорност за она што корисниците го објавуваат на нивните платформи. Најави дека неговиот тим ја разгледува „можноста за создавање сопствена платформа во блиска иднина“.
„Нема да бидеме замолчени“, напиша Трамп во сега веќе тргнатите твитови.
Социјалната мрежа Твитер објави дека трајно го блокирале налогот на американскиот претседател Доналд Трамп поради ризик од понатамошно поттикнување на насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

