Свет
Иранците ги враќаат телата на жртвите од паднатиот авион, но не и црните кутии
Телата на 11 украински државјани коишто загинаа при падот на авионот кај Техеран се пренесени од Иран во Киев, но иранските власти се откажаа од одлуката да ги испратат и две црни кутии од паднатиот авион за да бидат прегледани.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерот Олексиј Гончарук и други високи официјални претставници присуствуваа на церемонијата на преземање на телата на аеродромот „Бориспил“ во украинската престолнина.
Меѓу присутните биле и вработени и колеги на загинатиот персонал од „Интернационал ерлајнс“ на Украина, чиј „Боинг 737“ се урна на 8 јануари набргу по заминувањето од Техеран кон Киев. Загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.
Иранската револуционерна гарда призна дека случајно го урнала авионот, но три дена откако се случи тоа. Иран, исто така, одлучи да се откаже од вчерашната одлука да ги испрати црните кутии во Украина, велејќи дека „црните кутии се наоѓаат во Иран“ и дека „Техеран нема намера да ги предаде на никого“, објави државната новинска агенција Ирна.
Портпаролот на воздухопловните власти Хасан Резаифар изјави дека инспекцијата на тешко оштетените црни кутии ќе биде извршена во Иран и ќе бидат испратени во Украина или во Франција само ако не е можна техничка проценка.
„Но, сè уште не сме решиле“, рече Разаифар.
Еден ден порано, тој рече дека не може да се изврши инспекција на кутиите во Иран, со оглед дека тамошните власти го немаат потребниот софтвер за преземање на податоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Постигнавме договор за нафтата од Венецуела, ние ќе ги контролираме приходите
Каракас и Вашингтон постигнаа договор за извоз на венецуелска сурова нафта во САД во вредност до две милијарди долари, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека ова ќе го пренасочи снабдувањето од Кина и дека Венецуела ќе избегне големи намалувања на производството на нафта.
Трамп изјави дека договорениот обем е помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта под санкциите на САД.
Според него, нафтата ќе се продава по пазарна цена, а приходите ќе бидат контролирани од САД. Спроведувањето на договорот го води американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, а нафтата ќе биде насочена од танкерите директно кон американските пристаништа.
Поради извозното ембарго воведено во средината на декември, Венецуела има милиони барели нафта складирани на танкери и во резервоари што не можеше да ги испорача. Дел од испораките што сега треба да завршат во САД првично беа наменети за Кина, најголемиот купувач на венецуелска нафта во последните години.
Цените на суровата нафта во САД паднаа за повеќе од 1,5 проценти по објавувањето на договорот, поради очекувањата за зголемување на количината на венецуелска нафта на американскиот пазар.
Извозот на венецуелска нафта во САД моментално е целосно контролиран од „Шеврон“, единствената американска компанија со лиценца за извоз, која испорачува помеѓу 100.000 и 150.000 барели дневно. Не е познато дали Венецуела ќе има пристап до приходите од продажбата, бидејќи сметките на државната нафтена компанија PDVSA се замрзнати поради санкциите на САД.
Венецуела ја продава својата главна мешавина „Мери“ со попуст од околу 22 долари за барел во однос на „Брент“, со што вредноста на договорот изнесува максимум 1,9 милијарди долари.
Министерот за внатрешни работи на САД, Даг Бургум, изјави дека зголемениот проток на тешка венецуелска нафта до рафинериите на брегот на Мексиканскиот Залив би бил корисен за американскиот пазар на гориво и за венецуелската економија. Американските рафинерии во областа увезуваа околу 500.000 барели венецуелска нафта дневно пред воведувањето на санкциите.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Свет
Зетот на Трамп: Оваа средба е многу голема пресвртница
Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ја нарече средбата во Париз „многу голема пресвртница“, но предупреди дека трајниот мир бара „вистински заштитни мерки“.
Зборувајќи на крајот од прес-конференцијата, Кушнер рече дека Володимир Зеленски и Доналд Трамп имале обемни разговори во Мар-а-Лаго минатиот месец за безбедносните гаранции и дека, според него, тие „ги решиле повеќето, ако не и сите отворени прашања“.
„Но, мислам дека денес беше многу, многу голем чекор“, рече Кушнер, додавајќи дека тоа сè уште не значи дека ќе се постигне мир во Украина. „Ако Украина треба да склучи конечен договор, треба да знае дека по него ќе биде безбедна, дека има силно одвраќање и вистински механизми за да се осигури дека ова нема да се случи повторно“, рече тој.

