Свет
Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел
Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел, објави иранската новинска агенција Фарс. Во Тел Авив и други локации во централен Израел се објавени тревоги, а сирените се огласија и на северот од земјата.
Израелското Министерство за национална безбедност ги повика граѓаните да останат блиску до засолништата и бункерите.
Секое движење на јавни места треба да се сведе на минимум и да се избегнуваат јавни собири. Овие наредби ќе останат во сила додека не се објави ново известување, соопштија израелските власти.
Ова е прв пат од почетокот на конфликтот Иран да изврши дневен напад врз Израел. Досега сите напади беа изведувани во текот на ноќта
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Мерц: Русија е европска земја, стабилните односи со неа се клучни за иднината на ЕУ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Русија е европска земја и изрази надеж дека Европската Унија ќе успее да постигне рамнотежа во односите со Москва.
Зборувајќи пред бизнисмени на новогодишен прием во Хале, Мерц рече дека стабилноста во односите со најголемиот сосед на Европа е клучна за иднината на Европа и Германија, пренесуваат медиумите.
Germany's Merz:
Russia is a European country, our largest neighbor.
If we succeed, in the longer term, in once again finding a balance with Russia—if peace prevails, if freedom is guaranteed—if we succeed in all of this, ladies and gentlemen, then the European Union, and we in… pic.twitter.com/zYBfxawgr9
— Clash Report (@clashreport) January 15, 2026
„Ако успееме да го вратиме мирот и слободата во Европа, ако конечно најдеме рамнотежа во односите со нашиот најголем европски сосед, зборувам за Русија, ако владее мир и ако се обезбеди слобода, ако успееме во сето ова, тогаш Европската Унија, а со тоа и ние во Германија, ќе го положиме следниот тест и по 2026 година ќе можеме да гледаме кон иднината со доверба“, рече Мерц.
Канцеларот, според написите, нагласил дека неговата изјава не е поврзана со фактот дека се наоѓа во источниот дел на Германија.
„Го велам тоа каде и да сум во Германија“, рече Мерц, додавајќи дека „Русија е европска земја“.
Фото: ЕПА
Свет
Претседателот на Чешка: Американското преземање на Гренланд би претставувало сериозна закана за НАТО
Претседателот на Чешка, Петр Павел, денес предупреди дека нема прашање за безбедноста на Гренланд што не може да се реши со разговори на сојузниците во рамките на НАТО и дека американската анексија на тој дански остров би значела сериозна закана за кредибилитетот на западниот воен сојуз и принципите врз кои е основан.
„Кога едната страна е целосно отворена за разговори, нема смисла да се преземаат какви било присилни мерки. Какви и да се приговорите на САД во врска со Гренланд и одбраната, тие можат да се решат преку преговори на сојузниците“, рече Павел за време на неговата посета на Украина.
Павел рече дека Данска е отворена за разговори за посилно американско присуство и почести воени вежби, вклучително и користење на минералното богатство на островот, и предупреди дека секое воено решение веднаш ќе биде искористено од непријателите на Западниот сојуз.
„Тоа навистина би им било од рака и верувам дека ниту европските сојузници ниту САД не го сакаат тоа“, рече чешкиот претседател.
Павел, кој утре во Киев ќе се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дојде по трет пат од почетокот на руската инвазија на Украина, каде што разговараше за можна соработка во областа на противвоздушната одбрана, како што направи и новиот чешки министер за надворешни работи Петр Мацинка една недела претходно.
И двајцата им потврдија на украинските претставници дека меѓународната иницијатива „Муниција за Украина“, која ја координира Чешка, нема да биде суспендирана, иако партиите што ја сочинуваат новата чешка влада претходно се заканија дека ќе го сторат тоа кога ќе дојдат на власт.
Свет
Портпаролката на Белата куќа: Испраќањето европски трупи во Гренланд нема да влијае на ставот на Трамп
Белата куќа денес објави дека состанокот меѓу американските претставници и високите претставници на Данска и Гренланд бил продуктивен и предупреди дека испраќањето европски трупи во Гренланд нема да влијае на ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за таа територија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција изјави дека вчерашните разговори меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд, Ларс Локе Расмусен и Вивијан Мокфелт, со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио биле „продуктивни“, пренесува „Скај њуз“.
Таа додаде дека страните се согласиле да формираат работна група која ќе продолжи да води технички разговори за „аквизицијата на Гренланд“, според британската телевизија.
Според неа, „тие разговори ќе се одржуваат на секои две до три недели“.
„Но, претседателот јасно го стави својот приоритет, тој сака САД да го добијат Гренланд, тој мисли дека тоа е најдобро за националната безбедност“, рече Ливит.
Таа додаде дека испраќањето трупи од европските земји во Гренланд нема да влијае на одлуката на Трамп да ја добие таа територија.
Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го окупираат островот, истакнувајќи дека очекуваат почитување на нивниот територијален интегритет, пренесува Танјуг. Островот беше данска колонија до 1953 година, остана дел од кралството, но во 2009 година доби автономија, што му овозможи да се самоуправува и да ја одредува сопствената внатрешна политика.

