Македонија
Католиците денес го слават Божик, државниот врв со честитки за празникот
Верниците со католичка вероисповед и оние што се водат по грегоријанскиот календар денеска го слават големиот христијански празник Божик.
По тој повод државниот врв и политичките партии упатија честитки до сите католички верници во Македонија со желби за среќа, здравје и успешна година.
Претседателот Стево Пендаровски им посака на верниците денот на Христовото раѓање да донесе среќа, здравје, радост и да ја засили нашата верба и надеж во подобро утре.
„Токму во деновите на празникот, кој се минува со најблиските и кога нашите домови и срца се исполнети со светлина и топлина, да шириме љубов и хармонија во нашите семејства, но и да се грижиме и да им подадеме рака на сите на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа“, вели Пендаровски во честитката.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, во писмо до бискупот Киро Стојанов и верниците од католичката вероисповед напиша дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.
„Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите“, пишува во честитката претседателот на Владата и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на светиот отец, Папа Франциско, на нашата земја.

„Светата литургијата со која папата Франциско ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја што го негуваме. Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката на премиерот Заев.
Честитка стигна и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој порача љубовта, споделувањето, милосрдието и меѓусебната почит да донесат добро здравје, напредок, внатрешен мир и да бидат причина за многу радости.

„Пред сè, посакувам овие вредности да бидат водилка во градењето на нашата заедничка иднина, со добри и позитивни мисли. Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да ви го честитам празникот и да ви посакам празничните денови да ги поминете опкружени со вашите најблиски, во топлината на вашите домови исполнети со духот на празникот“, порача во честитката претседателот на Собранието.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на оние што празнуваат им посака спокој, љубов, здравје и среќа. На овој ден, вели Мицкоски во честитката, нека нè обедини Христово учење за хуманост, меѓусебна почит и пожртвуваност, нека нè обединат традиционалните вредности кон кои се стремиме како општество.

„Нашата заедничка татковина Република Македонија ги живее можеби најтешките моменти во својата историја како независна држава, но надежта не смее да згасне во нашите срца. Дојде време кога треба да размислуваме што ние како поединци можеме да направиме за татковината за да се оствари нашиот заеднички стремеж за просперитетна и успешна Република Македонија, во која не само ние туку и нашите, деца внуци, правнуци ќе ги поминат своите животи. Ни престојува година во која граѓаните на Република Македонија треба да донесат сериозна одлука за тоа во каква држава сакаат да живеат, во оваа година ѕвезда водилка нека е основното христијанско учење, потрагата по праведноста и вистината. Ние веруваме во принципи, правда, промени и со силна верба за успех и нова шанса за Македонија“, се наведува во честитката на Мицкоски.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија грегоријанскиот календар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

