Македонија
Македонија во жолта фаза – поларен студ со температури до минус 18 степени
Македонија денеска ќе биде зафатена од поларен студ од жолта фаза со ниски температури, кои ќе се спушат до минус 18 степени. Според Управата за хидрометеоролошки рабoти, времето ќе биде претежно ведро и студено, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -18 до -7, а максималната ќе достигне од -3 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степенa.
До сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла. В сабота преку денот и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските и снег во повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.
Министерството за здравство препорача граѓаните да носат повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почесто пиење топли напивки. Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството препорачува и избегнување алкохол бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на тешкотии со дишењето се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Божиќ, упати честитка до граѓаните кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
„Со особена чест и голема почит, Ви го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ, денот на раѓањето на Богомладенецот и Спасителот на светот, во кого се сплотија и лицетворија во совршено единство, божествената и човековата природа.
Од срце посакувам мирот божји да го завладее секој православен дом, исполнувајќи го со божјите добродетели.
Рождеството Христово, и по повеќе од два милениума, нè вдахновува со неизмерна љубов и бесконечна добрина, хармоничност и мир, потсетувајќи нè на давањето безусловена помош, поткрепа и утеха на сите оние на кои тие им се потребни.
И годинава, божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела.
Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата.
Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та, така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество. Христос се роди!“, се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Македонија
(Фото) Бадниковата поворка во Битола го најави Христовото раѓање
Традиционално и годинава во Битола се одржа Бадниковата поворка. Младите бадникари со своите најблиски од плоштадот „Магнолија“, го исполнија соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а од таму низ Широк сокак пеејќи ја песната „Вечниот бог“ до Офицерскиот дом каде се наоѓаше големата пештара, беа пречекани и од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им го честиташе Бадник и Божиќните празници, дарувајќи ги со Бадникови подароци.

„Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие. Општина Битола и годинава покажа дека оваа традиција е блиска до народот, особено до најмилите и најмладите, кои од мали ги учат вредностите и тие ќе ги запазуваат и применуваат во иднина“, вели градоначалникот на Битола.

На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, деновиве им се приклучи и
градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Инаку ѕвездичките ја симболизираат Витлеемската ѕвезда која се појавила на небото кога се родил спасителот на светот и дека децата ја претставуваат ангелската војска која со песна ја најавува радосната вест.






Македонија
(Фото) Со песна и насмевки коледарчињата од Кисела Вода во Бадниковата поворка
Со песна, радост и детска насмевка, коледарчињата од Кисела Вода денеска беа дел од Бадниковата поворка. Дарувани со подароци од градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и со Божикни ѕвезди кои претходно ги изработуваа на креативните работилници, тие од Кисела Вода се упатија кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма во пресрет на Хистовот раѓање-Божик, продолжи во организација на Град Скопје.

„И покрај дождливото утро, денеска во Кисела Вода силно ја почувствувавме празничната атмосфера и духот на Бадник. Коледарчиња од нашата општина, со песна и насмевки, го најавија Христовото Раѓање и ја продолжија традицијата што со генерации се пренесува и се чува.

Со задоволство ги пречекавме и ги дарувавме дечињата, како дел од обичаите кои нè обединуваат и нè потсетуваат на вистинските вредности: заедништво, почит и грижа еден за друг“, рече градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

„Заедно продолживме кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма продолжи во организација на Град Скопје.

Овие денови нè потсетуваат колку е важно да бидеме заедно, со отворено срце и подадена рака, не само на празник, туку во секој ден од годината.

Од срце им благодарам на дечињата за убавината што ја донесоа во ова утро, како и на нивните родители што ја негуваат љубовта кон обичаите и вистинските животни вредности.

Нека ни е за многу години овој светол празник и нека ни донесе здравје, мир и љубов во секој дом“, изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.


