Регион
Мајка на убиено девојче во „Рибникар“ со емотивно писмо до родителите на Коста
Нина Боровиќ Кобиљски, мајката на Е.К., девојчето убиено во масакрот на 3-ти мај во ОУ „Владислав Рибникар“, со потресни зборови им се обрати на родителите на момчето кое ја уби нивната ќерка и уште осум соученици, како и чуварот на училиштето.
Во писмото насловено „До родителите на едно нелекувано момче“, таа изнесува низа досега непознати детали за животите на децата од одделението VII2 пред масакрот.
„Порака до родителите на нелекуваното момче: Ако некогаш дојдете да не’ барате и сакате да ни кажете ‘Простeте ни, не знаевме подобро и многу ни е жал’.
Знаете, ние повеќе не веруваме во световна правда… Но, се трудиме да продолжиме да веруваме во хуманоста и вистината…
Верувам дека добро ви е познато дека нашиот клас VII2 беше исклучителен клас, не затоа што беше составен од одлични ученици, туку затоа што беа добри деца и добри пријатели еден на друг. Насмеани одеа на училиште и се враќаа задоволни.
Се сеќавате дека нашите деца отидоа заедно во јазичен камп во Франција… па добивме видеа од нив како пеат покрај каминот, си играат на тематски ноќи и одат на екскурзии… знаете дека сите играа карти и се смееја заедно во собите доцна во ноќта.
Како да не знаете, кога со благодарност му се јавивте на класниот раководител и му се заблагодаривте што вашиот син беше толку добро примен од неговите пријатели во новиот клас во кој избравте да го префрлите.
Дали знаевте дека на тоа дете му треба помош?
Им беше убаво, но истовремено им беше чудно зошто едно дете 7 дена спие свиткано во фотелја наместо во кревет, иако на располагање има цела двокреветна соба?!
Дали знаете дека на тоа дете му била потребна помош од вас како родители и стручните лица?
Трагедијата што ни се случи е толку страшна, болна и незамислива што секојдневно се мачиме да дишеме.
Мислите кои ќе не прогонуваат до крајот на животот се: Зошто не му помогнавте?! Зошто го трениравте на стрелиште и со него развивате и негувате такви страшни вештини за стрелање и убивање, додека ние ги носевме нашите деца на часови по уметност и спорт?!
Ако не сте биле свесни за вашата улога во невидената трагедија од 3 мај 2023 година, тогаш треба да се разбудите и да сфатите дека за жал овде имаме работа со трагедија од светски размери. Јасно ни е дека јавното мислење бара некаква смисла – причина со цел на некој начин да се објасни овој вид на криминал и да разбере како се случило?
Да разјасниме, врсничкото насилство е суштинска тема на денешното време, на кое мора да и се посвети најголемо внимание и грижа за да се запре.
Но, тоа не се случи во оваа трагедија и не треба повторно да се залажувате и да се криете зад невистините.
Жал ми е, тоа се случи на најпогубниот можен начин, но од вашето дете до нашите деца.
Дали сте свесни дека преживеаните и ранетите добиваат закани по живот од целиот свет затоа што „некој ќе го заврши започнатото“, во болното убедување на правдата за „злоупотребеното“ момче.
Добро знаете дека децата од VII2 наивно го прифатија, му пружија рака за пријателство и тоа беше се’ што можеа нивните златни срца… се’ останато беше до вас кои сте одговорни за него и стручните служби кои мораа да одржуваат објективност тогаш кога ќе се појави родителска слабост.
Знаете, 21 век е за жал бесрамен век…во овој век не треба да се срами да се бара сета стручна помош која е достапна денес.
Кога повторно ќе ве прашаат, размислете дали ќе повторите: „Јас не сум виновен“ или барем кажете: згрешивме, не знаевме подобро…
Можеби тогаш не знаевте, но сега болната вистина е зад сите нас и треба да можете подобро… дури и да речете: „Извинeте, многу ни е жал, вашите деца не се виновни за било што!”
Ова не е само лична трагедија, туку колективна трагедија на едно општество затоа што умреа исклучителни деца кои беа на вистинскиот пат да станат големи луѓе и кои со своите несудени семејства требаше да бидат залог за ова општество.
Сè уште се молиме за спасение на вашите души, но без исповед, нема покајание“, се наведува во пораката на мајката пренесе „Блиц“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Брнабиќ: Вучиќ не кажа ниту еден лош збор за Шекеринска
Меѓународната секретарка на СНС, Ана Брнабиќ, денес изјави дека соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за српскиот претседател Александар Вучиќ е срамно и истакна дека Вучиќ не кажал ниту еден лош или несоодветен збор за заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, по повод обвинувањата од најголемата опозициска партија во Северна Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дека Вучиќ се однесувал навредливо кон Шекеринска на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Брнабиќ истакна дека претседателот Вучиќ најмногу ги почитува жените и дека постојано нагласува дека тие се столбот на стабилноста во секое општество.
Таа побара од СДСМ да не ги извртува зборовите на претседателот на Република Србија, повнимателно да слуша што зборува Александар Вучиќ и да не го релативизира кршењето на меѓународното право и Повелбата на ООН во случајот со Србија.
„Прво на сите, сакам јасно да подвлечам дека Александар Вучиќ не кажа ниту еден лош или несоодветен збор за г-ѓа Радмила Шекеринска. Секој што сака и кого го интересира вистината, може да се увери во тоа слушајќи го снимањето од изјавите на претседателот на Србија од Минхен“, рече Брнабиќ во соопштението.
Како што додаде, секој што има барем површно познавање на Александар Вучиќ и неговата работа знае дека тој најмногу ги почитува жените и дека постојано нагласува дека жените се столб на стабилноста во секое општество.
Според неа, ако го погледнете тимот на Вучиќ во Кабинетот на претседателот на Републиката, партијата чиј претседател беше многу години или членовите на Владата на Србија од 2014 година, можете да видите дека никој повеќе не им верувал на жените, кои се и негови најблиски соработници.
„Првата жена премиер во историјата на Србија ја назначи Александар Вучиќ, за разлика од СДСМ, кој никогаш не ѝ дал таква доверба на жена. Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора, иако е тешко да се убеди македонскиот народ во ова бидејќи некои од тие бомби завршиле таму“, истакна Брнабиќ, пренесува „Политика“
Таа додаде дека е можно и дека СДСМ сака да нè убеди дека со агресијата во 1999 година, НАТО не ја поддржал и не помогнал директно нелегалната еднострана декларација за независност на дел од територијата на Република Србија, што е сосема спротивно на основните принципи на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, на кои толку многу се повикуваат денес.
„Дури ни членовите на СДСМ не веруваат во тоа. Имајќи го сето ова предвид, го молам СДСМ да не ги извртува зборовите на претседателот на Република Србија, внимателно да слуша што зборува Александар Вучиќ и да не го релативизира кршењето на меѓународното право и Повелбата на ООН во случајот со Србија. Што се однесува до довербата во жените, би било добро тие самите да ги следат принципите што ги постави Александар Вучиќ во својата работа“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека Српската напредна партија секогаш ќе реагира на ваквите подметнувања и дека македонскиот народ засекогаш ќе остане братска нација за српскиот народ.
„Ние сме единствените што имаме само пријателски односи со Северна Македонија, немаме претензии за нивниот суверенитет и територијален интегритет и секогаш, благодарение првенствено на Александар Вучиќ, се обидувавме да им помогнеме кога беа во неволја. Србија, предводена од него, ќе продолжи да го прави тоа и во иднина, без разлика на се“, заклучи Брнабиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Регион
Радев со највисок рејтинг во Бугарија, покажува анкета
Новата политичка формација, предводена од досегашниот претседател Румен Радев, би добила 25,6 отсто поддршка доколку изборите се одржат денес, покажува анкета на „Маркет Линкс“, спроведено од 7 до 13 февруари 2026 година на примерок од 1.019 полнолетни испитаници. Истражувањето е реализирано во соработка со „БТВ“.
ГЕРБ–СДС е втора политичка сила со 15,4 отсто, по што следуваат ПП–ДБ со 12,5, ДПС – Нов почеток со 10,5 проценти и „Преродба“ со 4,5 отсто. Под изборниот праг од 4 проценти остануваат неколку помали партии.
Според анализата, новата формација на Радев најголем дел од поддршката ја добива преку прелевање гласови од постојните парламентарни партии, но и од гласачи кои не учествувале на изборите во октомври 2024 година.
Истражувањето покажува дека довербата во Радев по напуштањето на претседателската функција пораснала за 6–7 процентни поени.
Во однос на излезноста, 56 отсто од испитаниците изјавиле дека сигурно би гласале на евентуални предвремени избори, што укажува на можност за повисока мобилизација во споредба со претходните изборни циклуси.
Регион
Киднаперите на Кајмакоски и по една недела сè уште не се пронајдени, во тек е потрага
Потрагата по киднаперите на Даниел Кајмакоски влезе во осмиoт ден, а и покрај обемната полициска акција, на осомничените и понатаму им се губи секоја трага. Иако теренот околу местото каде што со возилото удриле во заштитната ограда бил детално пребаран, бегалците како да пропаднале во земја.
„Се преземаат сите оперативни мерки и активности со цел да се идентификуваат и пронајдат сторителите. Во овој момент тие сè уште се во бегство“. наведува извор на „Курир.рс“ и додава дека полицијата, по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, продолжува со потрагата.
Драмата почнала откако пејачот минатата недела го завршил настапот во Белград. Осомничените, за кои се верува дека се странски државјани, наводно од Турција, го пресретнале пејачот, му се заканиле со нож и пиштол, го врзале и го одвезле со неговиот автомобил, барајќи 20.000 евра.
Само неколку минути по тргнувањето од центарот на градот, полициска патрола при редовна контрола се обидела да го запре возилото. Сепак, возачот не застанал на дадениот знак.
„Во моментот кога му дадоа знак да застане, возачот продолжи и забрза до максимум. Никој не можеше да предвиди што ќе се случи“, открива извор близок до истрагата.
Во меѓувреме, пријател на пејачот го пријавил киднапирањето, по што била покрената обемна полициска акција. Потерата се одвивала покрај Палатата Србија и Белградската арена, а потоа и по автопатот кон Шид. Во потрагата биле вклучени бројни полициски единици.
Драмата кулминирала кај исклучувањето за Рума, каде што осомничените изгубиле контрола над возилото и удриле во заштитната ограда. Сè се случило за неколку секунди, а во настанатиот хаос киднаперите го напуштиле автомобилот и избегале пеш, додека во возилото бил пронајден врзаниот Кајмакоски.
„Осомничените избегале пеш, а во возилото бил затекнат пејачот. Постои можност маглата и лизгавиот коловоз да придонеле за губење на контролата врз возилото“, наведува изворот.
Иако припадниците на полицијата детално го пребарале поширокиот терен, вклучително и околните ниви и шумски појаси, засега нема потврда дека осомничените се лоцирани.

